Шарлот Казираги, принцеза од Монако и внука на некогашната глумица Грејс Кели, јавајќи на коњ ја отвори модната ревија на „Шанел“ во Париз.
Шарлот професионално се занимава со јавање повеќе од десет години. А, луксузната модна марка реши да ја отвори ревијата токму на овој, малку необичен начин, сакајќи да ја прикаже „личноста на модерната жена“.
– Го сакам спортот и смешно е да се замисли дека може да носиш облека од „Шанел“ додека играш голф или јаваш коњ. Сепак, го овозможивме тоа. Беше возбудливо да се работи на ова шоу!, рече уметникот Ксавиер Вејлхан, кој соработуваше со дизајнерката Вирџини Вијард.
Иако принцезата Шарлот стана претставничка на „Шанел“ дури во 2020 година, таа ја следи речиси секоја модна ревија на брендот уште од тинејџерските години. Покојниот дизајнер Карл Лагерфелд му беше пријател на нејзиното семејство, а особено на нејзината мајка, принцезата Каролина од Монако. Тој беше задолжен за нејзиниот изглед на свечените настани.