Поранешниот капитен на Партизан и член на Денвер, Жофри Ловерњ зборувал за Никола Јокиќ кој претходната вечер по трет пат го доби признанието МВП.
Српскиот кошаркар стана деветтиот играч со 3 или повеќе титули, приклучувајќи се на елитниот клуб во кој се Карим Абдул-Џабар (6), Мајкл Џордан (5), Бил Расел (5), Вилт Чембрлен (4), Леброн Џејмс (4), Мозес Мелоун (3), Лери Бирд (3) и Меџик Џонсон (3).
„Само кога ќе ги прочитате тие имиња, сè ви е јасно. Му посакувам повторно да ја освои шампионската титула. Верувам дека тоа би го сакал и Никола“, изјави Ловерњ за „Mozzart Sport“.
Кошаркарот потоа споделил и анегдота од времето кога тој и Јокиќ биле соиграчи во тимот од Колорадо.
„Кога сте во НБА лигата, секогаш патувате со приватен авион, а екипажот е секогаш ист. Секогаш нè дочекуваа истите луѓе. Меѓу нив имаше една девојка. Не можам да ви опишам колку е убава. Како од видеоспот или филм. Неверојатно, ја паметам по сите овие години. Е, кога имате таква девојка и авион полн со кошаркари кои притоа се по малку непрофесионални… Можете да ја замислите сцената“, рекол Ловерњ, па продолжил:
„Не постои играч во тогашниот тим кој не ѝ пријде, да се обиде нешто. Дофрлаа, ѝ го бараа телефонскиот број. Никој не можеше да ја освои. Секогаш беше недостапна. Тука беше и Никола, но во тотално друг стил. Сè беше лесно, одоколу, дофрлаше некои шеги, се шегуваше. Никогаш не ѝ пријде директно, но секогаш се шегуваше. Нејзе очигледно ѝ се допадна тоа бидејќи беше поинаков. По едно патување, слетуваме во Денвер и таа за првпат приоѓа некому, доаѓа до Никола и му дава ливче со телефонски број. Целиот тим се чудеше“, вели Французинот.
„Никола ладнокрвно станува од авионот и доаѓа до мене. Веќе воспоставивме ритам јас да го возам од аеродром. Неколку минути возењето проаѓа без разговор и тој ми се врти одеднаш и ми вели: „Жо, еве ти го овој број, мене секако не ми треба. Имам девојка“. Јас во чудо му одговарам дека не го сакам бројот бидејќи таа му го даде нему. Тој само го отвора прозорецот и го фрла ливчето со бројот. Е, тоа е Никола Јокиќ. Секогаш ладнокрвен, а и показател дека е вистински семеен човек. Тоа е сцена која секогаш ќе ја паметам со Јокиќ“, завршил Ловерњ.