Американката Џеки Хант-Брурсма (46), која почнала да трча откако останала без нога поради рак, за 104 дена истрча 104 маратони и постави нов рекорд за најмногу истрчани маратони едноподруго. Таа очекува ова нејзино достигнување да влезе во Гинисова книга на рекорди.
Џеки трчала маратонска делница секој ден од средината на јануари, за што вообичаено ѝ требале пет часа.
„Дел од мене беше среќен што ова заврши, но другиот дел ми кажуваше да продолжам да трчам. Благодарна сум за ова искуство, зашто трчањето ми ја даде довербата што мислев дека никогаш нема да ја повратам“, изјави таа за американските медиуми откако го заврши 104. маратон.
Во 2002, на Џеки ѝ била дијагностицирана Јуингова саркома, редок тип на рак на коски. По само две недели, лекарите решиле да ѝ ја ампутираат левата нога со цел да ѝ го спасат животот. Со трчањето почнала во 2016 откако купила специјална протеза за тркачи на долги патеки.
Хант-Брурсма истрчала вкупно 4.378 километри на патот до рекордот и притоа собрала над 88.000 долари за непрофитна организација која обезбедува тркачки протези за инвалиди.