Постојат луѓе кои сакаат да се вакцинираат и тоа се околу 65 отсто од светското население, 25 отсто се оние кои се двоумат да го направат тоа, а последните 10 отсто се тие што одбиваат, вели познатиот српски биолог и невроимунолог д-р Борис Шакиќ, цитирајќи студија објавена во „Природа“. Токму тие 10 отсто можат да станат фабрики за развивање на нови мутации на коронавирусот, а според Шакиќ затоа е битно науката да допре до овие луѓе.
– Тие што не се вакцинирани се фабрики за нови соеви – потенцира невроимунологот, додавајќи дека никој не предвидувал дека има толку многу луѓе што не сакаат да се вакцинираат.
Шакиќ смета дека меѓу оние кои се сомнителни и отпорни има многу психотични луѓе или верници, па затоа е важно да им се обратиме и да им објасниме. Според неговото мислење, треба да бидат ангажирани оние за кои се верува дека ги мотивираат луѓето за да се вакцинираат. Во спротивно мутациите ќе се шират. Единствената добра вест е можеби тоа што новата мутација на делта-сојот, т.н. делта-плус сој, не е посмртоносен од својот претходник, иако е позаразен и веќе владее со Велика Британија.
„Јас ја примив вакцината на Фајзер во април, а како втора летово ја примив вакцината на Модерна. Не разбирам како луѓето не сфаќаат дека секоја вакцина е подобра од тоа да не сте вакцинирани, дури и кинеската Синовак која има ефикасност од околу 50 отсто“, изјави професорот.
Тој даде објаснување и за создавањето антитела во нашиот организам по примањето вакцина, односно додаде дека вакцината не е она што не’ штити, туку тоа го прави нашиот имунолошки систем.
„Вакцината ги стимулира нашите бели крвни зрнца да не’ заштитат. Тоа значи дека нас не’ штити нашиот имунолошки систем. Вакцините на Модерна, Фајзер и Џонсон и Џонсон го содржат спајк протеинот кој се „закачува“ за нашата клетка која носи информации за вирусот. Другите клетки прават антитела на таквиот спајк протеин. Кинеската вакцина од друга страна пак, содржи цел умртвен вирус. Вакцината е вежба за нашиот имун систем. Ако сакате да ги зајакнете мускулите, дали ќе отидете во теретана само еднаш? Исто е и со вакцината“, објасни професорот Шакиќ.
Нивото на антитела меѓутоа, не е најдобар показател за тоа колку се вакцините ефикасни – смета професорот додавајќи дека и кога опаѓа нивото на антиела, ни остануваат мемориски клетки.
„Не знаеме колку е животниот век на тие клетки, но факт е дека мемориските клетки паметат дека сме биле изложени на вирусот и создаваат антитела“, појасни тој.
Вирусот ќе мутира во посилна, а не во послаба варијанта се’ додека има невакцинирани – истакна Шакиќ додавајќи дека новиот сој ќе биде десет проценти позаразен од делта сојот.
Тој апелира граѓаните да се вакцинираат, бидејќи како што вели, благодарние на вакцините може да ни се продолжи животниот век.
„Жал ми е што не слушнавме совети од Кина. Мој совет како научник е да следиме што прават успешните. А кој е успешен? Кинезите. Тие ги вакцинираа луѓето и затвораа цели градови за да ја спасат нацијата. Нивната идеја е дека општеството може да опстане“, изјави професорот.