На 15 локации денеска ќе се одржи 15. јубилејна „Бела ноќ“ во Скопје. Концерти, изложби, кино, театарски претстави, 3Д-видеомапинг и уште многу други се дел од културните содржини.
На платото пред Универзалната сала ќе се одржи концертот „50 години Скопски“, кој ќе почне во 20 часот. Во придружба на Биг бендот, скопјани ќе се потсетат на најголемите хитови од Скопскиот фестивал со настапите на Драган Мијалковски, Славе Димитров, Верица Ристовска, Лидија Кочовска, Сашо Гигов, Ѓоко Таневски, Сара Мејс и „Ај кју“.
Победниците на натпреварот во видеомапинг на „Скопје лајт арт дистрикт 2019“, Французите Џереми Ури и Милош Лисински, својата визуелна уметност ќе ја отсликаат на фасадата на катната гаража „26 Јули“.
Во МКЦ, пак, како дел од 9-тото издание на фестивалот „НЕкултура“, посетителите ќе се забавуваат со прочуеното британско електронско дуо Параноид Лондон, но и со домашните Плуто’с Доубт, Сетхстат, Барум Барум и другите артисти и диџеи, кои ќе бидат дел од фестивалот.
Во МНТ од 22 часот ќе има премиера на претствата „Круг“, адаптирана според антологиското дело на Артур Шницлер (Реиген), а во режија на Наташа Поплавска. Претставата ја отвора вечната тема – потрагата за љубов наспроти потребата за секс. Низ десет интимни сцени ќе влеземе во креветите на десет карактери, кои како во синџир се врзуваат во еден затворен круг. Во главните улоги ќе ги видиме македонската актерка Дејана Попоска, која живее и работи во Париз, и италијанскиот актер Јакопо Гарфањоли. Претставата е забранета за помлади од 18 години, а ќе се одигра на англиски јазик со превод на македонски.
Националната опера и балет ќе одбележи свој јубилеј, 70 години постоење со делата „Кармен“ и „Валпургиска ноќ“.
Многу други изложби, настани, претстави, концертни настапи во живо, ќе се одржат низ Скопје – КИЦ, Театар „Комедија“, Музејот на македонската борба, Галерија 8 во Старата чаршија, во паркот „Ибни Пајко“, „Мала станица“, градското кино „Милениум“, како и во Музејот на современата уметност.
Градските власти најавија привремен сообраќаен режим во Скопје поради одржувањето на оваа манифестација.