Експертите за климатски промени веруваат дека 0глечерот Tвејтс на Западниот Антарктик е еден од најранливите, но и најважните глечери во светот кога станува збор за нивото на морето во иднина.
Експертите предупредуваат дека поради климатските промени и глобалното затоплување, постои можност дека самото негово топење би го подигнало нивото на морето за половина метар. Воедно, топењето на Твејтс исто така би влијаело на ослободување на други мразни маси на Западен Антарктик, што може да доведе до пораст од два до три метри на нивото на морето.
Доколку тоа се случи, последиците би биле катастрофални. Затоа експертите го нарекоа Твејтс „Глечерот на крајот на светот“.
На почетокот на годината, научниците за прв пат испитаа присуство на топла вода на важни точки на глечерот, што треба да ја објасни причината за неговото топење. Твејтс зафаќа површина од околу 119.090 квадратни километри, што е приближно до големината на Велика Британија. Топењето на мразот од овој глечер и пролевањето во Амундсенското море сочинува четири проценти од глобалното покачување на морското ниво, но научниците предупредуваат дека понатамошното покачување на температурите во светот ќе го наруши балансот.
-Едно од најголемите прашања е за колку брзо Твејтс ќе стане нестабилен. Ми се чини дека сме на работ. Тоа е клучот за останатите глечери во Западен Антарктик. Ако го отстраните, другите ледени маси, исто така, ќе почнат да се топат“ – рече директорот на програмата што се занимава со глечерите на Антарктикот, Пол Катлер.
Роб Лартер, главен истражувач за проектот на Твејтс глечерот при британската експедиција на Антарктикот, додаде дека местото е „најранливо на Антарктикот“.
Антарктикот содржи 90 проценти од вкупниот мраз на планетата, а за разлика од Арктикот, најголем дел од мразот се наоѓа на копно. Просечната дебелина на мразот е околу 2,5 километри, но на некои места е околу 4,8 километри.