Рускиот претседател Владимир Путин боледува од неколку „тешки“ болести и му остануваат уште неполни две години живот, тврди шефот на украинската разузнавачка служба.
Генерал-мајор Кирило Буданов вели дека до ваквите информации дошле шпионите од Киев кои се инфилтрирале во Кремљ.
– Путин нема уште долго време, рекол Буданов, пренесува „Daily Mail“, повикувајќи се на „USA Today“.
Здравјето на рускиот претседател е предмет на шпекулации во последните неколку месеци, особено откако тој беше снимен како се држи за маса за време на средбата со министерот за одбрана на Русија, Сергеј Шојгу.
На почетокот на овој месец, на Путин наводно му се треселе нозете додека држел говор во Москва. Путин присуствуваше на церемонијата на одликување во Кремљ и се чинеше дека е многу нестабилен. Лидерот на Русија се тетераше напред-назад пред неговиот говор, додека Никита Михалков ја прими наградата.
Тврдењата на украинскиот разузнавач доаѓаат неколку дена откако извор од Кремљ изјави дека, наводно, лекарите го советувале Путин да нема „подолги појавувања“ во јавноста, а откако му се слошило по разговорите со високи воени претставници.
– Рускиот претседател почувствува „слабост и вртоглавица“ додека стануваше од масата по неодамнешната видео-конференција со советници и воени лидери, беше објавено на Телеграм каналот „General SVR“.
„Несигурните чекори“ на Путин и надуените лице и врат ги разгореа гласините дека првиот човек на Русија е болен, а неговата состојба наводно се влошила откако започна конфликтот во Украина.
Наводно, Путин во април требало да биде опериран од рак. Се тврдеше и дека има Паркинсонова болест и дека има „симптоми на шизофренија“.