Холивудскиот актер Николас Кејџ побарал да го поништи бракот со сопругата Ерика Коика само четири дена по венчавката во Лас Вегас. Кејџ го поднел барањето „бидејќи бил премногу пијан за да знае што прави“.
Барањето го поднел во судот во Лас Вегас и во него стои дека „подносителот на барањето бил во таква состојба така што не знаел што прави“. Во барањето стои и дека „господин Кејџ не знаел дали личноста со која се венчава има криминално минато“ и дека затоа најдобро би било овој брак да се поништи.
Парот беше заедно околу една година, а се венчаа на 23 март во Лас Вегас, бидејќи Николас Кејџ сметаше дека би било добра идеја ако направат спонтана, ненајавена венчавка. Изгледа дека не размислил доволно.
Инаку, Кејџ досега трипати беше во брак и трипати се разведуваше пред да биде во врска со Ерика Коике. Најпрво со Патриша Аркет во 1995, со која се разведе во 2001. Потоа со Лиса Мари Пресли во 2002, од која се разведе само две години подоцна. А третиот брак му беше со келнерката Алис Ким, која често ја посетувал во локалниот ресторан и со неа има син кој се вика Кал-Ел (криптонското име на Супермен), а е роден 2005 година.