Гледачите во Италија биле изненадени во вторникот кога јавниот сервис „Rai Due“ прв пат емитувал реклама за новата германска ТВ серија „Miss Merkel“.
Серијата ќе се емитува во петок, а приказната е за поранешната канцеларка, по име Ангела Меркел, која се повлекува во мирно село со својот сопруг и кучето откако ја напуштила политиката. Дали името и приказната ве потсетуваат на некого? Секако, на поранешната германска канцеларка, која беше на чело на земјата од 2005. до 2021. година.
Серијата, секако, не ја раскажува вистинската приказна за Меркел. Тоа што ќе биде емитувано е дело на фантазијата на сценаристите.
За што се работи во серијата?
После децении минати во парламентот, Меркел повторно се открива како детективка во својот нов живот. „Иронична и духовита, набрзо се наоѓа вмешана во мистериозно убиство“, стои во заплетот на првата епизода со име „Смрт во замка“.
Меркел во серијата ја следи својата страст за решавање на злосторства и убиства откако ѝ здодеало да биде во пензија.
„Одлучна да ја пронајде вистината, поранешната канцеларка мора да се соочи со тешкотиите на својата нова работа и да го надмине своето политичко минато. Интригантен трилер кој ги става на тест вештините на Меркел“, пишува во описот.
Таа во серијата се шегува на сметка на својот стил: „Имам 50 такви блејзери во својата гардероба и морам да ги потрошам“ (алудирајќи на колекцијата сакоа на поранешната германска канцеларка), и има куче мопс кое се нарекува Путин.
ТВ серијата е базирана на истоимената книга на Дејвид Сафиера, во која Меркел е прикажана како детективка од хоби.
„Одлична работа за мене е тоа што Меркел е сеприсутна – ја познаваме со децении – но не знаеме речиси ништо за нејзиниот живот освен трошки кои нејзината пресслужба ги дава, на пример дека сака да прави колачи“, рекол авторот во интервју во 2021-ва.
„Тоа ми даде голема слобода да напишам пријателска книга со неа како хероина. Во својата политичка кариера често беше потценувана, исто како госпоѓица Марпл во романите на Агата Кристи, така што изгледаше дека добро се вклопува“, рекол тој.
Серијата веќе била емитувана минатата година на „RTL“, приватна германска телевизиска мрежа. Сега Италијанците одвај чекаат да ја гледаат.
Cosa succederebbe se #AngelaMerkel diventasse un’investigatrice? #MissMerkel è la nuova curiosa serie di #Rai2 dove l’ex cancelliera tedesca, in pensione, si diletta a risolvere alcuni casi di omicido
In onda da venerdì, in prima serata!#Series #Rai #Palinsesti #AscoltiTv pic.twitter.com/GqgOa6k3Sn— Vittorio (@ilvit02) July 9, 2024