„Предизвикување општа опасност“ е кривичното дело за кое е осомничен македонскиот пејач Ламбе Алабаковски, а во врска со опожарениот влез на бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ во Битола.
Од полицијата информираат дека по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 288 став 1 од Кривичниот законик. Членот предвидува затворска казна од шест месеци до пет години.
-Тој што со пожар, поплава, експлозија, отров или отровен гас, јонизирачко зрачење, моторна сила, електрична или друга енергија или со друго општоопасно дејствие или средство ќе предизвика значителна опасност за животот или телото на луѓето или за имот од големи размери, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.
Инаку според последните информации Алабаковски се уште се наоѓа во полициската станица во Битола, кадешто бил однесен доцна синоќа.
Ламбе Алабаковски повеќе од седум години со семејството живееше во Америка. Кон крајот на минатата година Ламбе со сопругата и двете деца се врати повторно во Македонија.