Најмалку 45 патници на крстарење во Италија вчера мораа да се симнат од крузер во пристаништето Џенова, бидејќи се позитивни на коронавирус, објави компанијата МСЦ.
Според италијанските медиуми, тестовите спроведени на бродот „Грандиос“, кој вчера утрото пристигна во Џенова од Марсеј, покажале дека околу 150 луѓе се позитивни на ковид. МСЦ го негираше ова, потврдувајќи дека само 45 заразени луѓе се симнале од бродот во Џенова и дека биле главно асимптоматски.
Но, компанијата подоцна призна дека во крузерот имало повеќе позитивни патници, без да го прецизира нивниот број. Тие ќе се симнат следниот пат кога бродот ќе застане.
„ Согласно протоколот, позитивните патници и нивните најблиски веднаш беа изолирани во кабините со балкони и добија медицинска помош. Тие денеска се симнаа во Џенова за безбедно да се вратат дома на трошок на компанијата“ соопшти компанијата МСЦ.
Пристанишните власти не го прецизираа бројот на патници кои се симнале, но потврдија дека италијанските државјани се вратени дома во организација на цивилната заштита, а странците се префрлени во медицинските установи.
Крстарењето не беше прекинато и бродот ќе го продолжи патувањето до следната станица Чивитавекија, пристаниште во близина на Рим.