Сашо Кимовски-Панки од бендот „Куку Леле“ е уапсен при влез во Грција. Апсењето на музичарот следува по европска потерница, распишана од германските власти за учество во мрежа што пред 13 години крадела податоци од картички на банкомати.
Според потерницата, 52-годишниот осомничен, во 2006 од два банкомати во Минхен, украл податоци и лозинки на кредитни и дебитни картички со поставување на микроскопски чипови што ги снимале податоците и со поставување на дополнителна тастатура.
Заедно со уште две лица со украдените податоци правеле картички – клонови и подигале пари во различни земји, предизвикувајќи штета од над 1.3 милиони евра, од кои над 200 илјади само во Германија.
Според АНА-МПА, Панки бил изведен пред јавен обвинител во Солун, а во следниот период надлежниот суд ќе одлучи дали 52-годишниот ќе биде екстрадиран во Германија или не.