На Бојан Јовановски-Боки 13 му се конфискува облеката од скапи брендови во 70 вреќи што му ја одзеде обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска во истрагата, како и уметничките слики од Личеновски, Мартиновски, Коџоман и други, мебелот и сè што му е стекнато со пуштањето во оптек на парите од земениот рекет, кажа судијката Васка Николовска-Масевска при изрекување на пресудата во случајот „Рекет“. – објави порталот СДК.
Ќе му се конфискуваат и 12.000 евра што биле најдени кај него, како невработено лице со блокирани трансакциски сметки.
На Катица Јанева, за која судијката кажа дека ја урниса вербата на целата јавност во правосудството, ќе ѝ бидат конфискувани 50.000 евра, а ако нема готови пари на сметки, ќе бидат присвоени лични предмети или недвижнини во износот со кривичното дело.
Инаку, Боки 13 после изречувањето на пресудата за случајот Рекет во кој беше осуден на вкупна казна од 9 години затвор рече дека судот донел политичка пресуда.
– Нема да се дадам во бегство, едвај чекам да отидам во обвинителството и да ги пријавам сите вистински кривични дела, знев дека ќе ми го продолжите притворот – рече Јовановски.