Пред неколку години, угледниот магазин „LA Times“ објавил листа на најубавите жени во филмските остварувања, а првото место го зазела Изабел Аџани, една од најголемите пред сè во европската, а потоа и во светската кинематографија.
Изабел, далеку од современите стандарди за убавина, но единствена, ретка и божествена, оваа титула му ја должи на филмот „La Reine Margot“, иако оставила трага од својата несекојдневна и опојна појава и во други остварувања.
Покрај тоа што светот ја славел како жена со извонредна убавина, таа може да се пофали и со неверојатен талент – во кариерата пет пати се закитила со француската награда „Цезар“, а во Кан во 1981 година освоила двојна награда за најдобра женска актерка.
Изабел денес има 68 години, а главно се држи подалеку од центарот на вниманието иако е редовна гостинка на „Канскиот филмски фестивал“, како и на „Венецискиот филмски фестивал“.
Французинката со егзотична појава отсекогаш била придружена со превез на мистерија – никогаш не давала доброволно интервјуа, а приватниот живот го чувала само за себе, иако тешко успевала во тоа.
Сепак, таа самата никогаш не кажала ништо за истото во ниту еден момент на својата повеќедецениска кариера, освен еднаш, кога направила скандал од планетарни размер, но за тоа подоцна ќе пишуваме …
Детство во сиромашен кварт, а забрането ѝ било да се гледа во огледало
Изабел е родена во брак меѓу Алжирка и Германец, а самата истакнала дека љубовта на нејзините родители била „невозможна“, но и дека била вистинска, магична, онаа што се случува еднаш во 1000 години. Нејзината мајка поради нејзиниот татко го оставила тогашниот сопруг и две мали деца и не се покајала за таа одлука до последниот ден од животот. Меѓутоа, Изабел во подоцнежните години не можела да ја разбере мајка си поради таа одлука, често ја осудувала и критикувала, што нивниот однос го правело тежок и мрачен.
Детството го поминала го предградие на Париз, каде што имигрирале нејзините родители, во сиромашен кварт чии улици биле населени со банди, а нејзините рани години биле обоени со беда. Тие биле семејство на имигранти и немале ништо друго освен љубовта. Нејзиниот татко бил строг и конзервативен, а Изабел ја принудувал напорно да учи и непрестајно да чита, учејќи ја да не се гледа ниту во огледало, за да не развие суета.
Актерката признала дека ѝ биле потребни 15 години редовна терапија со психолог за да ја прифати и сфати нејзината убавина.
Кога имала само 14 години работите се смениле – ја забележал познат филмски агент на улиците на Париз и таа ја добила својата прва улога… Сè понатаму е историја.
Бурен живот полн со превирања
Она што оваа дива ја направила уште поинтригантна и поинтересна за јавноста е нејзиниот љубовен живот – бурен, неверојатен, обоен од измама, ненадејни краеви и силни емоции.
Изабел имала само еден официјален брак, но вкупно 8 сериозни и големи љубови, иако само една вистинска … и уште којзнае колку платонски и минливи.
Нејзиниот живот го одбележала шестгодишната врска с трикратниот оскаровец Даниел Деј Луис, со кој има син, а кој ја оставил бремена и тоа без ниту еден збор за збогум. Никогаш не ѝ кажал дека нивната врска е завршена. Во моментот кога го раѓала нивното дете, тој уживал во аферата со Џулија Робертс.
„Тој е љубовта на мојот живот. Заврши бидејќи беше невозможно, незамисливо силно. Нашата љубов беше како неизлечива болест. Еден поглед на него и знаете дека тоа е човек подготвен да предизвика болка во вас. Не можеше да ги одвои од реалниот живот улогите кои ги играше. Често се однесуваше како да не е од оваа планета препуштајќи се на јунакот кој го портретираше. Имавме страст во најчист облик, а такво нешто секогаш е осудено на пропаст. Бевме љубов за каква се пишувало во класичните романи. Нè уништи тоа што дозволив тој да биде центар на мојот живот“, раскажала божествената Французинка многу години по разделбата.
„Направив сериозна грешка во мојот живот – жените не треба да бидат доктори во своите односи. Јас ги спасував моите мажи, а тие подоцна својата среќа ја градеа со други. Ме гледаа како психолог. Мажите не сакаат жени кои ги гледаат слаби, во нивните најлоши денови. Тие не можат да ја поднесат женската сила. Ја мразеа мојата љубов, која ги правеше слаби и ранливи“, своевремено објаснила Изабел.