Вакцинираните и невакцинираните луѓе кои се инфицираат со сојот омикрон имаат различни симптоми, покажува новото истражување.
Додека на почетокот имаше мислење дека сојот омикрон е поблаг од претходните соеви, се покажа дека, иако е поблаг, предизвикува големи проблеми, како во однос на притисокот врз болничките капацитети, така и во однос на имунокомпромитирани лица кои да се заразат со него. Затоа лекарите ширум светот апелираат луѓето да се вакцинираат, заради нивнo сопствено, но и здравјето на своите најблиски.
Веќе е статистички покажано, пренесува timeofindia.com, дека бројот на тешки случаи на зараза во претходниот бран јасно се разликувал, бидејќи меѓу нив доминантни биле невакцинираните пациенти. Слично е и со сојот омикрон.
Медицинските извештаи ширум светот велат дека постојат разлики во симптомите на заболените со сојот омикрон ако се вакцинирани и ако не се вакцинирани. Имено, според извештаите, симптомите на омикрон кај вакцинираните најчесто се течење на носот, главоболка, болки во зглобовите, болки во грлото. Од друга страна, невакцинираните луѓе имаат поголема веројатност да доживеат тешкотии при дишењето.
Д-р Питер Чин-Хонг, специјалист за заразни болести на Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско, исто така вели дека е докажано дека вакцинираните лица се борат со симптомите пократко.
„Додека целосно вакцинираните луѓе ги чувствуваат симптомите ден или два, невакцинираните луѓе покажуваат симптоми пет или повеќе дена“, вели д-р Чин-Хонг.