Во групата на најмалку рестриктивни мерки, носењето маски се покажало како најефективно за спречување на болести, покажала студијата објавена вчера во научното списание BMJ.
Во оваа студија, научниците од Монаш и Универзитетот во Единбург ги анализирале досега објавените анализи за ефективноста на поединечните мерки кои се применуваат од почетокот на пандемијата, заклучувајќи дека носењето маски ја намалува инциденцата на Ковид за 53 проценти.
Дополнително, оваа мерка го намалува и бројот на смртни случаи од Ковид 19 како и пренесувањето на вирусот Сарс-Ков-2.
„Експеримент во 200 земји покажа дека земјите каде носењето маски било задолжително имаат 45,7 отсто помала смртност поврзана со Ковид“, се вели во студијата.
Физичкото растојание било нешто помалку ефикасно во намалувањето на стапката на пациенти – 25 проценти.
Истражувачите исто така објавиле дека миењето раце ја намалува стапката на инциденца за 53 проценти, при што овој процент е добиен врз основа на анализа на студии во кои учествувале помал број испитаници.
Во однос на другите мерки кои се применети, истражувачите објавиле дека претходните студии покажале дека изолацијата, минимизирањето на контактите, периодите на затворање на сите несуштински активности довеле до значително намалување на бројот на пациенти и смртни случаи.
Сепак, како што напоменуваат, општото затворање не е одржливо и потребни се поконкретни мерки кои не го загрозуваат општествениот живот и економијата, туку го штитат здравјето на граѓаните.
Во исто време, авторите на студијата предупредуваат дека додека не се постигне колективен имунитет, превентивните мерки ќе останат прв избор во спречувањето на болеста, особено на места со мал процент на вакцинирани.
Во моментов во повеќето европски земји носењето маски е задолжително во затворени простории, а дури и земјите кои претходно ја укинаа оваа мерка, како Данска, сега ја враќаат поради зголемениот број на пациенти, се наведува во студијата објавена во стручното списание BMJ.