Најголемиот брод на светот кој ќе може да превезе дури 100.000 луѓе, ќе го овозможи најимпресивното мега-крстарење што некогаш се случило. Дизајниран да биде многу повеќе од брод за крстарење, „Бродот на слободата“ претставува огромно пловечко место каде што луѓето може да живеат, работат, да се пензионираат или одат на одмор, пишува „Сан“.
По десет години планирање и инвестирање, американската компанија „Фридом крус лајн интернејшнл“ (Freedom Cruise Line International) следната година треба да започне со изградба на овој брод. Тоа е таканаречен пловечки град, долг 1370 метри и висок 106 метри кој трајно би крстарел по светските океани – никогаш не останувајќи на едно место доволно долго за да не им здодее на оние кои се таму.
Одејќи од Британија – би се упатил покрај Франција во Медитеранот, а ќе кружи околу Африка и во Индискиот Океан. Потоа ќе ја заобиколи Австралија, кон Кина, а потоа ќе се упати преку Пацификот и надолу по брегот на Америка.
Тој би требало да биде шест пати поголем од сегашниот најголем носач на авиони во светот. На сликите генерирани со помош на компјутерска програма, овој брод изгледа како пловечки паркинг на дури 25 ката.
„Бродот на слободата“ треба да вклучува станови, училишта, болници, уметнички галерии, продавници, паркови, аквариуми, езерца и слично. На врвот на оваа зграда ќе има аеродром со писта за мали приватни и комерцијални авиони, што ќе овозможи превоз на патници или испорака на потребната храна.
Желбата на компанијата зад овој проект е бродот да има 40.000 постојани жители, 30.000 дневни посетители, 10.000 повремени гости и 20.000 членови на екипажот и вработени во институциите на бродот.
Проектот „Бродот на слободата“ првпат беше предложен во деведесеттите години на минатиот век. Тој одржува визија за мобилна океанска колонија која не подлежи на законите на која било држава, каде што луѓето би можеле да живеат, работат или да уживаат во своето пензионирање без никакви ограничувања.
Реализацијата на овој проект се чека со децении поради немањето потребни средства за негова изградба. Се претпоставува дека бродот ќе чини околу 10 милијарди евра, додека сместувањето на него би требало да чини од 175.000 евра до 10 милиони евра – во зависност од избраната сместувачка единица.