Една од најголемите турски ѕвезди, пејачката и актерка Ајда Пекан има 77 години, а плени со својот неверојатно заводлив изглед и сексапилност. Кога се појави на насловната страница на најновото издание на познатиот магазин Вог, ги остави сите без здив, но нејзината судбина уште повеќе изненадува.
Медиумите најчесто и се обраќаат со наслов „суперѕвезда“, а благодарение на песните и долгата кариера, Ајда е една од најистакнатите личности во Турција и најголема ѕвезда на нивната поп музика, а во своите хитови ја претставува жената како силна фигура, со забележливи елементи и влијание на западната музика.
Инаку, таа има босанско потекло, а е родена 1946 година во Истанбул. Во светот на музиката влегла на многу млада возраст, а станала позната веќе во шеесеттите години, кога ја изведе песната на италијанската пејачка Мина „Il Cielo In Una Stanza“.
На почетокот на кариерата покажала дарба и за музика и за глума и имала можност да соработува со најуспешните уметници од тоа време, а до денес има издадено 20 музички албуми. Играла и во десетици филмови, а позната е по тоа што е подеднакво сакана од луѓето од сите генерации, пишува Глоси.
Нејзиниот приватен живот отсекогаш го привлекувал вниманието на јавноста, а за прв пат се омажила во 1973 година со фудбалерот Џошкун Сампаз. Веста за нивната венчавка веднаш ги преплави сите медиуми, а бракот траеше многу кратко – спортистот и пејачката се разделија шест дена подоцна.
Првиот брак и бил со тинејџер
Во тој момент Ајда имала 28 години, Џошкун само 19, а се запознале во март истата година. Се венчале веќе во октомври, во целосна тајност, бидејќи семејството на Сампаз, инаку многу познато и богато, било против нивниот брак.
Судбоносно „да“ кажале во Аксарај, Истанбул, пред двајца сведоци, а по венчавката фудбалерот отишол да му ја соопшти на семејството радосната вест. Но, неговите родители не ја прифатиле пејачката за снаа, а тој подлегнал на притисокот и тоа бил крајот на нивниот брачен живот.
Шест години подоцна Ајда се свршила со новинарот Ерол Јараш, но овој пат не се омажила.
И вториот брак доживеа неуспех
Нејзиниот нов брак се случил во 1984 година, кога се омажила за Али Барс, со кого останала шест години. Оттогаш таа не се омажила, а за својот љубовен живот не зборувала многу за медиумите.
– Сега нема никој во мојот живот. Да имаше некој, ќе го видевте. Никогаш не го кријам. Помина долго време откако една машка рака не ја допре мојата. Сакам да биде вака. Не знам што ќе ми донесе времето, но претпоставувам дека се навикнав на осаменоста – рекла таа еднаш.
Се кае само за една работа
Сепак, таа поотворено проговорила за својата одлука да нема деца. Како што признала во емисијата „Нека остане меѓу нас“, во текот на животот имала шест абортуси, а тоа што решила да не стане мајка е она за што најмногу жали во животот.
– Осаменоста е толку тешка. Бев во брак со Али и за време на тој брак останав бремена. Но, јас не родив бебе. Кога ќе погледнам наназад си велам „Посакувам да не беше така“.
Како што истакнала, би сакала да ја пронајде вистинската љубов и да има среќен и стабилен брак, во кој би можела да се исполни како родител.
Сепак, секоја нејзина бременост била прекината поради различни причини.
– Ниту еден брак не трае 30-40 години. Се обидувам да се утешам со моите мачки. Ми се случи шест пати, а јас не сакав. Едвај го издржав животот, едвај стоев на свои нозе. Мажите не сакаат да ме гледаат позната на сцената и дома во пижами и влечки. Секогаш сакаат да ме гледаат како што сум на сцената. Но, не можам да бидам таква во секој момент – изјавила Ајда во емисијата пред неколку години.