Основачот на “Амазон“ и еден од најбогатите луѓе во светот, Џеф Безос (58) планира да живее вечно.
Тој е најголемиот инвеститор во неодамна основаната биотехнолошка компанија Алтос Лабс, која ги собра некои од најдобрите светски научници за да најдат магична формула за вечна младост.
Безос, чие богатство се проценува на 182,2 милијарди долари, и други помали инвеститори, вклучително и руско – израелскиот тајкун Јури Милнер (60), „тежок“ 4,8 милијарди долари, вложија 3 милијарди долари во Алтос.
Дополнително, беше собран тим од врвни научници, меѓу кои и добитничката на Нобеловата награда Шина Јаманака од Јапонија, чија специјалност се матични клетки, и контроверзниот шпански биохемичар Хуан Карлос Исписуа Белмонте, познат по успешното развивање на ембриони од мешавина на клетка на мајмуни и луѓе.
Според американските медиуми, компанијата ќе се фокусира на „програмирање на клетките“, техника која се покажала ефикасна за подмладување на клетките во лабораторија, а некои дури веруваат дека може да помогне во искоренувањето на некои болести, како што се ракот и Алцхајмеровата болест.
Тоа е техника која работи со додавање на протеин во клетката што практично и дава инструкции да се врати на ниво слично на матичните клетки.
Двете лаборатории на Алтос ќе бидат лоцирани во САД – во Силиконската долина и Сан Диего, а една во Британија – во Кембриџ.
Главниот научник и основач на Altos, Рик Клауснер, вели дека компанијата има за цел да го отвори патот за програмирано подмладување на клетките и на тој начин да обезбеди сосема нов пристап во медицината.
– Вонредните достигнувања во последните неколку години почнаа да му даваат приоритет на здравјето на клетките и механизмите зад него. Ова, заедно со ефикасно и безбедно репрограмирање на клетките и ткивата преку нивно подмладување, ни дава нова перспектива за медицината на иднината – рече Клауснер.
Светската јавност не беше воодушевена од веста за отворањето на лабораторијата на Безос.
Така, шпанскиот „Ел Паис“ пишува дека богаташите наместо да си вбризгаат ботокс, вбризгувале милиони долари во „Алтос лаб“ бидејќи смртта ја гледаат како болест која треба да се излечи.
– Штета што иницијатор на сето ова се парите, а не науката. Ако ги прашате обичните граѓани, тие се загрижени за ракот, менталните болести, сидата, мултиплекс склероза, цистичната фиброза, па дури и коронавирусот, а не за стареењето. Сепак, немаат пари како Безос, па не можат да одлучат во кој правец ќе оди науката. Безос знае дека науката веќе успеала да ги подмлади глувците во лабораторијата, што му дало надеж дека ќе може да биде млад засекогаш – наведува „Ел Паис“.
Американските медиуми се загрижени и за тоа што би можело да излезе од лабораторијата на Безос.
– Младите сонуваат да бидат богати, а оние кои се богати да бидат млади. Затоа милијардерите пумпаат пари во индустрија која ќе може да го запре процесот на стареење и да ја врати младоста. Сепак, никој не знае што може да се роди во таа лабораторија. Знаејќи дека во тимот се и некои од контроверзните научници, не е исклучено „Алтос“ да стане место за тајно истражување на луѓе – пишуваат американските медиуми.
Индустрија вредна 420 милијарди долари
Светските експерти велат дека индустријата која се занимава со пронаоѓање на формулата за бесмртност и вечна младост ќе процвета во наредните години.
Според некои проценки, во 2030 година ќе вреди 420 милијарди долари.