Ветеринар чија лабораторија претходно ја користиел за тестирање на лососи, а сега ја прилагодил за тестирање на луѓе за коронавирус, се слави како херој на Фарските острови. Оваа автономна данска покраина со 50-тина илјади жители има регистрирано 184 случаи на коронавирус, а од остатокот на Европа се издвојуваат по тоа што нема ниту еден смртен случај.
Овој успех сите го припишуваат на раните предвидувања на ветеринарот и научник Дебес Кристијансен, прв човек на Националната референтна лабораторија за болести на риби и животни. Тој уште во јануари ги предупредил властите дека мора да се подготват за можно ширење на епидемијата од Кина.
Неговата лабораторија која првенствено се користи за тестирање на лосос од вирусни инфекции била прилагодена за тестирање на луѓе. Набрзо започнало тестирањето и во лабораторијата на Кристијансен биле тестирани 10% од вкупно 50-те илјади на островот. Со ова, Фарските острови имаат тестирано најголем процент од својата популација од било која држава во светот.
Тамошните доктори успеале да влезат во трага и да ги тестираат сите кои што биле во контакт со 184-те заразени и веројатно докторите никој не ги лажел, ниту пак несовесно се однесувал, одел на работа и остварувал средби со блиските како што тоа беше случај со неколку лица во Македонија. Токму поради тоа на Фарските острови ширењето на заразата е прекинато, а веќе се излечени дури и 131 лице.
Кристијансен изјави дека лесно ја прилагодил својата лабораторија и за „Гардијан“ откри дека лабораторијата можеле да се вршат по 1000 тестови дневно. Сите последни примероци биле негативни на коронавирусот.
„Сите зборуваат за црни бројки, но ние тестиравме само 10% од популацијата, така што мислам дека немаме многу жители кои што шетаат наоколу заразени“, изјави ветеринарот.
Дури и опозицијата на Фарските острови им честиташе на властите и помагаше во борбата против ширењето на заразата. Пратеничката од опозицијата, Кристина Хафос ја пофали брзата реакција на Кристијансен, но и владините напори за стопирање на ширењето. Тамошните власти вовеле “drive-in” за тестирање во главната болница и подготвиле хотел за карантин во близина на аеродромот.
„Да ги испраќавме тестовите на анализа во Данска ќе беше потребна една недела за да стигнат назад и немаше да можеме да ја контролираме болеста на овој начин. Пронаоѓањето на трагата и следењето беше важен дел. Беше возможно да се пронајдат сите луѓе кои беа позитивни и да се детектира со кого биле во контакт. Ги стававме во изолација на две недели“.