Ново истражување покажува дека имунолошкиот систем на детето е подобро подготвен за напади на коронавирусот отколку имунолошкиот систем на возрасно лице благодарение на клетките во горниот респираторен тракт кои се постојано во состојба на готовност. Затоа телото на детето брзо успева да го „отфрли“ вирусот во случај на инфекција, односно пред масовно да се размножи.
Ова веројатно е објаснување зошто децата многу поретко заболуваат од ковид, напишаа научниците од Универзитетот во Берлин и Хајделберг во списанието „Nature Biotechnology“ пренесе ТВ Канал 5.
– Сакавме да откриеме зошто одбраната против вирусот очигледно работи многу подобро кај децата – рече Ирина Леман, раководител на Одделот за молекуларна биологија во Берлинскиот здравствен институт (БИХ).
Во потрага по одговор, научниците зеле клетки од носната слузница на 42 здрави и 44 болни возрасни и деца. Потоа, меѓу другото, тие ја анализирале активноста на одредени гени во одделни клетки.
За брза борба против вирусот, мора да бидат активни таканаречените рецептори за препознавање, кои иницираат одбрана на телото, објаснуваат тие.
И токму овој систем во клетките на горниот респираторен тракт и во некои клетки на имунолошкиот систем бил многу „буден“ кај децата, покажала анализата.
Кај возрасните, напротив, „системот за рано предупредување“ бил фатен неподготвен, а во тој случај вирусот се ширел побрзо и поефикасно.
– Научивме од оваа студија дека не постојат само фактори на ризик од ковид, туку и фактори на заштита -вели Леман.
Авторите тврдат дека нивните наоди би можеле да го отворат патот за нови истражувања за тоа дали научниците можат превентивно да стимулираат заштитна реакција од коронавирус кај пациенти со висок ризик за да ги доведат до нивото што го имаат децата изложени на вирусот.