НАТО не е извидничко друштво туку воен сојуз

by Тони Зографски

Северноатланската алијанса наскоро ќе го добие 30-тиот член. За некој месец, дел од НАТО ќе стане и Македонија.

– И Македонија – вџасено запраша ајатолахот Али Хамнеи, врховниот лидер на Исламската Република Иран – па зарем и Македонците се против нас – резигнирано констатираше Хамнеи, само неколку моменти откако стана јасно дека парламентот на Шпанија ќе го ратификува Протоколот за влез на нашата земја во НАТО, со што е надмината и последната формална пречка за македонското членство.

Се разбира дека почетната конструкција од овој текст е потполно измислена и е плод на моето мечтаење, и секако дека на ајатолахот му е апсолутно небитно тоа што Соединетите Американски Држави имаат нов стратешки партнер.

НАТО на Македонија ѝ овозможува стабилност и перспектива како ниту еден друг сојуз или меѓународна асоцијација и затоа воопшто не треба да се прашуваме за мотивите и потребите околу нашето членство. Клубот од 30 земји е ексклузивен и овозможува стабилност, а тоа најмногу ѝ недостасуваше на нашата земја во годините поминати во независност. Непријатната регионална тензија што постојано ја демне земјата, секако дека ќе биде ставена на минимум, а се претпоставува дека и само членство во НАТО ќе донесе и до релативизација на еден куп домашни проблеми.

Но, треба да се разбере и дека НАТО значи обврска. НАТО е воен сојуз, а не извидничко друштво. Затоа и треба да се одбегнат сите малоумни мемиња со цвеќенца, срценца и мечиња, со кои гордите корисници на социјалните мрежи во Македонија го слават влезот во воениот сојуз. Секако дека е паметно да се одбегнат и воено потпалувачки коментари, испратени до раководство на Иран, Русија или Кина. Треба да бидеме свесни и за податокот дека со нашето влегување во НАТО, воената моќ на Алијансата нема да се зголеми, па веројатно и сите наши наредни учества во некакви операции ќе бидат симболични. Но и колку да биде симболично, војувањето е трауматично искуство, кое ниту една влада, ниту еден народ не го посакува.

Исто така, треба да се размислува и за нашата улога во услови на поголеми кризи. Членот 5 од договорот за НАТО предвидува солидарност на земјите членки. Кога една земја ќе биде нападната, тогаш сите други се обврзани да ја бранат. Тоа е сигурно и главниот мотивирачки фактор за нашето членство. Но, во одреден момент може да биде нападната и друга членка, која секако ќе побара поддршка. Македонските војници би можеле да бидат испратени во Летонија, во Турција или на Тајван, а таму на спротивната страна би можеле да бидат армиите на Русија, на Иран и на Кина, кое се извонредно опремени и способни да предизвикаат големи штети на непријателските војски.
Војната е најлошата страна на човештвото и секогаш треба да се избегнува. НАТО е неопходен за Македонија, но тоа не треба да нè воодушевува, туку да ни помогне да ја задржиме нашата мирољубива политика што ја негуваме со децении.

 

Преземено од Фејсбук

останати вести

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com