„Наредната година мора да биде крајот на глобалната пандемија на Ковид-19“, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Гебрејесус на последната овогодишна конференција за медиумите за коронавирусот.
Тој истакна дека верува во тоа дека по двегодишно искуство „многу добро сме се запознале со вирусот и имаме средства за борбата против него“, пренесува „Политико“.
Проекциите на СЗО, како што кажал Гебрејесус, покажуваат дека до крајот на првото тромесечје наредната година ќе бидат обезбедени вакцини за сите полнолетни граѓани во светот, како и бустер дози за ризичните групи.
„За совладувањето на пандемијата, меѓутоа, најважно е оружјето кое го имаме да го користиме ефикасно и да водиме сметка на еднаквоста затоа што доколку не се вакцинира цел свет не верувам дека ќе излеземе од оваа ситуација“, порачал првиот човек на СЗО.
„Тоа што мене ме загрижува е тоа дали ќе имаме сила да завршиме со пандемијата, а верувам дека ќе имаме“, изјавила Марија Ван Керхова која е на чело на тимот на СЗО за борба против пандемијата.
Таа истакнала дека експерти од СЗО сè уште ги следат податоците за да утврдат дали омикрон сојот е опасен колку и претходните, особено делта сојот, додавајќи дека засега сè уште не може да се изведе целосен заклучок за тоа.