Автомобилот во кој загинаа таткото и синот целиот е изрешетан од куршуми. Телевизијата „Алсат“ објави фотографија од автомобилот на кој има повеќе куршуми и се гледа дека е пукано одблизу. Најмалку дваесетина дупки од испуканите куршуми можеа да се видат на автомобилот и шофершајбната, како и траги од рафали испукани од двете страни на возилото.
Инаку, сокриени во темница, зад две дрва, убијците ја чекале својата мета, 47-годишниот кумановец Елам Селахи на земјен пат во атарот на селото Слупчане. Околу 23 часот тој се појавил во автомобил со затемнети стакла. Во возилото бил и неговиот малолетен син. Ладнокрвно, со рафали, го изрешетале автомобилот и побегнале.
Жителите на Опае и Слупчане, вознемирани од истрелите ја повикале полицијата, која затекнала грозоморна глетка.