Еден маж, италијански турист, е убиен а уште најмалку седум туристи се ранети во нападот во израелската метропола Тел Авив во петокот вечерта.
Се покажало дека засега единствената жртва во нападот во Тел Авив е италијански државјанин, а меѓу настраданите се италијански и британски државјани, пренесува весникот Jerusalem Post.
Израелската служба за итна помош MDA претходно објави дека сите настрадани, вклучително и загинатиот, во терористичкиот напад во крајбрежјето на Тел Авив се странски туристи.
Во петокот вечерта автомобил влетал во група луѓе на шеталиштето во Тел Авив недалеку од Јафа, и притоа возачот бил неутрализиран. Израелското министерство за надворешни работи го квалификуваше нападот како терористички чин.
Радиодифузерот Kan објави дека напаѓачот со својот автомобил влетал во пешаците, излегол од возилото и се обидел да пука во други лица, по што бил застрелан од полицаец.
Очевидец изјавил дека слушнал најмалку пет истрели. Автомобилот на напаѓачот бил превртен на покривот на тревникот во пешачката зона на кејот. Областа на инцидентот е опколена од полициски и воени сили, пренесува Kan.
По инцидентот, кој се случува во периодот на повторуваните неколкудневни судири на Палестинците и израелските безбедносни сили во Стариот град на Ерусалим во комплексот на џамијата Ал Акса, во периодот на светиот муслимански месец рамазан и еврејската Пасха, премиерот Бенјамин Нетанјаху нареди мобилизација на резервниот состав на полицијата и армијата.
Во заднината на судирите во Ерусалим, последните две ноќи палестинските исламистички радикали од Појасот Газа вршат ракетирање на израелската територија, а ракетни удари имаше и од територијата на Либан, на што одговори израелската војска.
Video: Israeli police respond to the suspected attack in Tel Aviv pic.twitter.com/wpCxD8x00o
— i24NEWS English (@i24NEWS_EN) April 7, 2023