Здравите волонтери ќе бидат намерно заразени со ковид-19 на почетокот на следната година за да се тестира ефикасноста на експерименталните вакцини против коронавирус во Лондон.
Околу 2.000 луѓе во Велика Британија се пријавиле за да примат една од низата експериментални вакцини, за потоа, под контролирани услови, да добијат доза на коронавирус, пишува New Scientist.
Волонтерите за овој вид на студии, што треба да започне во јануари, се пријавија преку 1Day Sooner. Оваа организација е основана во април 2020 година и претставува доброволно учество во клиничките испитувања на вакцини против ковид-19.
На почетокот на оваа година, 1Day Sooner состави отворено писмо потпишано од истакнати научници, вклучително и нобеловци, во кое се повикува американската влада да започне човечки испитувања што е можно поскоро.
Според Фајненшл тајмс и Ројтерс, тестовите за волонтерите треба да започнат во јануари во Лондон и ќе бидат финансирани од британската влада. 1Day Sooner исто така најави дека ќе покрене петиција за јавно финансирање на објекти за биоконтрола кои се доволно големи за да можат да примат меѓу 100 и 200 учесници во карантин.
Империјал колеџ во Лондон, кој наводно стои зад научниот дел од овие тестови, официјално не го потврди започнувањето на ваквото тестирање.
„Империјал продолжува да учествува во широк спектар на истражувачки дискусии поврзани со истражувањето на ковид-19. Во оваа фаза, нема што повеќе да додадеме“, изјави портпаролката на универзитетот, откако била прашана за тестирање на вакцината врз волонтери кои намерно ќе бидат заразени со коронавирусот.
Сите клинички испитувања спроведени во Велика Британија мора да бидат одобрени од Агенцијата за регулирање на лекови и здравствени производи (МХРА) или регулаторното тело што се занимава со безбедносни прашања и протоколи.
Владата на Велика Британија и МХРА сè уште не одговориле на истрагата на Ројтерс за овој вид тестирање на вакцините.