Зоран Михaјлов
Сега, откако ја нема, како еден од поискусните македонски спортски новинари, навистина ми е жал што не успеав додека беше жива да извлечам нешто повеќе за нејзиниот живот и кариера. Може навистина да се напише возбудлива книга, но тогаш да бидам искрен и јас и моите постари колеги, повеќе бевме ориентирани кон оние би рекол потиражни спортови, притоа заборавајќи на подвизите на големата шампионка. Сега можам единствено, онака таксативно да ги набројам рекордите што ги поставуваше без некој посликовит приказ на тие моменти на радост, кога рекордите паѓаа, како што паѓаше таа – како звезда од небото – за дојде до тие врвни остварувања.
Нада Ицева во својата спортска книшка, која сведочи за подвизите и за времињата минати, има забележено 10 државни рекорди во скокови изведени дење, од кои 4 се задржаа еден подолг период: тоа беа денски скокови со задршка од 600 метри (два рекорда) и исто така два рекорда во денски скокови од 1.000 метри без задршка. Сите овие скокови беа изведени прецизно без отстапувања со доскокнувања на самата цел, а имаше и еден државен рекорд во групен скок од 1.000 метри изведен во друштво со Даринка Стојаковиќ и Марија Јагузовиќ во 1961 година.
Во светската рекордерска листа беше запишана со скокот во Падинска Скела кога по слободното паѓање од 2 ипол минути, на 800 метри до целта го отвори падобранот, а вториот беше кога по скокот од само 600 метри имаше 5 секунди задршка!
Нема сомнение богата спортска кариера, исполнета со многу врвни резултати и два светскии рекорда, со четири титули државен првак и со многу настапи на меѓународните аеро-митинзи. Сето тоа Нада Ицева го заокружи и со својата професионална кариера како наставник во Аеро-клубот Скопје од 1960 до 1976 година, за во 1995 година по повод 60-тиот роденден да го изведе последниот 1.155 скок. Овој скок беше посветен и на 40-годишнината од освојувањето на првата шампионска титула во поранешна Југославија. Дијамантската значка што ја доделува Меѓународната воздухопловна федерација е уште една потврда за вреднувањето на целокупното спортско дело на Нада Ицева, зашто неа ја имаат само оние вистинските шампиони и рекордери .
Ете, каква спортистка беше Нада Ицева, која до крајот на животот остана скромна, па многумина кога ќе разговараа со неа и не можеа да претпостават дека во таа личност се крие една импозантна спортска величина.
ВЕЛИКАН НА МОК
Нада Ицева, која во последните години од животот често можеше да се види во просториите на Македонскиот олимписки комитет, каде што со задоволство беше пречекувана е носител на многу признанија. Нејзиното име ќе остане вечно запишано и во списокот на спортските великани на МОК. Таа тоа го заслужува, зашто се ретки спортистките во нашата држава што успеале да се вивнат во спортските височини .
СПОРТ СО ТРАДИЦИЈА
Потсетувајќи се на спортскиот опус на Нада Ицева убава е приликата да се потсетиме на воздухопловниот спорт во Скопје и во Македонија. Имено, неговото организирано делување датира уште од 1923 година, кога мајорот Драгутин Мишиќ и резервниот поручник-пилот, инаку шумарски инженер Орест Крстиќ (има напишано студија за планинските убавици Бистра и Кораб) со уште неколку ентузијасти ги поставуваат темелите на Аеро-клубот Скопје, низ кој минаа сите подоцнешни шампиони во моторно пилотирање, едриличартсво, ракетно моделарство и падобранство, меѓу кои и легендарната Нада Ицева.
Во тој период по формирањето во Стара Југославија, сите активности се одвивале кај Зајчев рид во Скопје. По Втората светска војна носител на активностите во воздухопловната сфера е спортско-воздухопловниот стручњак Љубомир Тевчев, заедно со Блаже Трошановски. Обновувањето на Аеро-клубот Скопје беше во 1945 година, со тоа што сега имаше и секција за ракетно моделарство.
Интересно е да се каже дека во работилницата „21 мај“, чиј раководител беше Тевчев, а од која подоцна беше формирана сега згаснатата фабрика „Алумина“, беа произведувани првите едрилици од типот „Илинденка“. Можете да замислите со колкав ентузијазам и љубов се работело, па затоа и не е чудно што од овие наши простори излегоа многу прославени имиња на воздухопловниот спорт.
СПОРТИСТ НА МАКЕДОНИЈА 1956 ГОДИНА
Во изборот за спортист на Македонија, што почнувајќи од 1954 година го реализираше „Нова Македонија“ со Сојузот на организациите за физичка култура на Македонија, Нада Ицева во 1956 година беше прогласена за најдобра спортистка во Републиката. Интересно е дека на таа ранг-листа истата година на второто место беше рангиран нејзиниот учител Аки Ибраимовски, кој исто така имаше забележителни постигнувања во падобранството. Доминацијата на падобранците продолжи наредната година кога Зоран Павиќевиќ беше прогласен за спортист на Македонија.
Инаку, Нада Ицева се до 1964 година постојано беше рангирана меѓу првите 10 спортисти во Македонија.
Лична карта: Нада Ицева, падобранка
Родена 1934 во с.Павлешинци, Светиниколско
Почина 2006 година во Скопје
Кариера: Аеро клуб „Скопје“
Успеси : 4 пати првак на Југославија во падобранство, сопственик на 10 државни и 2 светски рекорда, победник на бројни аеро-митинзи во светот, 1.155 скокови со падобран
Тренерска кариера: Наставник по моторно пилотирање и падобранство од 1960 до 1976 година во Аеро клубот „Скопје“ и во југословенската репрезентација