Зоран Михајлов
Во годините по Втората светска војна, како деца таму во 50-тите години од минатиот век, со голема возбуда гледавме кон небото, кога на него ќе се појавеа падобранци. Тоа беше некое чудно доживување, кое и денес, кога ќе се потсетам на тие детски години, ме обзема. Не можев ниту јас, ниту моите другари, да веруваме во она што го гледавме. Зарем е тоа можно, некој од небото да „паѓа“ кон земјата! Но, подоцна и тоа време на неверување помина, дури падобранците „паѓаа“ и на Градскиот стадион да го донесат фудбалот, за да може судијата да даде знак за почеток на натпреварот! Да, така беше во тие времиња, кои имаа свои незаборавни убавини.
Овие мигови не ги заборавив и падобранството ми стана спорт кон кој – кога почнав да се бавам со спортското новинарство гледав со пиетет. Почнав да ги следам и натпреварите во Охрид, Битола, Скопје и Куманово, кои беа центри за падобранство, едриличарство, ракетно моделарство и моторно пилотирање. Тогаш се запознав и со луѓето кои ги поставија темелите на македонското падобранство. Почувствував дека тоа се спортисти со немирен дух, но стабилен и цврст карактер.
Такви беа сите од – основоположникот на падобранството, штипјанецот Аки Ибраимовски, потоа Димитар Георгиевски-Жути, Зоран Павичевиќ, Зоран Иванов, Иво Антов, па до големата и ненадмината шампионка, за жал, покојна Нада Ицева Салџиева.
Некој што не слушнал за нив и нивните подвизи ќе праша, па кои се овие? Одговорот ќе биде кус и прецизен: тоа се вистинските, големите шампиони, светски рекордери! Фактите ќе ме поткрепат и ќе ги натераат оние што не веруваат или пак никогаш не слушнале за овие имиња-да поверуваат во она што го пишувам, па и тие некако да станат горди дека, ете и ние сме имале такви спортски личности.
Се „провре“ низ лекарската контрола
Денес, десетина години по нејзината смрт, сакам да потсетам на големата шампионка, а за весникот „Скок“, кој за жал сега не излегува – спортистка на векот во Македонија, Нада Ицева Салџиева. Таа беше падобранка со 1.155 скокови, што претставува импресивна бројка, ретко забележана во светот на падобранството.
Нада Ицева како млада девојка доаѓа од Павлешинци, село во близина на Свети Николе, во Скопје. Нејзиниот немирен дух, нејзината желба за трагање по возбуда, веднаш е отктриена од нејзиниот прв наставник Аки Ибраимовски. Откако доаѓа во Аеро-клубот Скопје, таму некаде во 1952 година, веднаш станува јасно дека кај 18 – годишната девојка има нешто посебно, нешто спортско. Особено импонираше нејзината храброст. Таа не ги одбиваше поставените задачи на тренингот, беше подговтена ако треба да лета со едрилица, во месноста Зајчев рид, потоа да пилотира, но најмногу сакаше од небесните височини да скока со падобран, како што велеше: како што паѓаат звездите – и таа да паѓа кон земјата.
Немаше сомнение дека храбрата девојка ги имаше сите атрибути да се развие во врвна падобранка. Колку беше вљубена во овој спорт говори и овој податок: Кога во воената база во Вршац, во Србија, отишла на задолжителен лекарски преглед пред настапите, за да ја има потребната килажа, таа под облеката носела тула-за да биде потешка. Но, и така со тулата одвај достигнувала до 50-тиот килограм, па докторот и рекол дека е најдобро, ако не е распакувана да се врати назад, зашто не ги исполнува условите за скокање. По долгото убедување дури и со солзи на очите, тој сфатил дека девојката е навистина вљубена во овој спорт и доколку не и дозволи да скока може кај неа да има негативен психолошки ефект. Нада Ицева успева да се „провре“ низ лекарската контрола и почнува да го постигнува она што од неа -сите, посебно Аки Ибраимовски, нејзиниот прв учител, го очекуваа.
Таа ужива во небеските височини. Нејзината неустрашивост веднаш ги плени срцата дури и на најстрогите наставници, но и почитувачи на падобранскиот спорт. Набрзо станува омилена и кај веќе афирмираните падобранки Наталија Стефановиќ, Марица Бариќ и Иванка Јеленц, кои беа столбови на југословенската репрезентација.
Прелистувајќи ги текстовите посветени на падобранството, дојдов и до една репортажа за Словенката Јеленц. Таа меѓу другото вели -дека во Нада Ицева имала голема пријателка, со која и по возбудливите спортски денови се дружела. Од почит кон Нада нејзината слика е сместена меѓу најомилените фотографии во албумот во нејзиниот дом во Подбрежје во Словенија.
Прва шампионка на Југославија
Со името на Нада Ицева е врзан и еден историски момент за падобранскиот спорт на поранешните ју- простори. Имено, таа беше првата официјална државна шампионка. Победи на првенството во Вршац во 1956-тата година. Претходно, така е запишано и во билтените на ВСЈ дека имало две победнички – Марија Хорн и Загорка Спирановиќ, но тоа не беа официјални државни првенства, туку сојузни натпревари.
По овој триумф Нада Ицева освојува уште три титули – шампион на поранешна Југославија. Победува во поединечните натпревари во Тиват во 1959 и во Битола во 1964 година. Има и една екипна титула освоена со репрезентацијата на Македонија на првенството во Охрид. Така со четири шампионски пехари беше, а и остана, една од најуспешните падобранки во историјата на овој спорт во Македонија и во поранешна Југославија.
Во меѓувреме Нада Ицева настапува за државната репрезентација на многуте митинзи низ светот, а како што велеше таа во најубаво сеќавање и останал настапот на митингот во Холандија во 1955 година, каде што имала чест по скокот – таа да биде единствена падобранка што ќе и подари букет цвеќе на кралицата Јулијана. Инаку, претходно Ицева победила на воениот аеро-митинг во Вршац, кој бил од изборен карактер за настап во Холандија на неофицијалното светско првенство.
Името на Нада Ицева во тој период многу често се наоѓаше на спортските страници во весниците, а речи си во секој билтен на Воздухопловниот сојуз на Југославија таа беше на почесното место. Имало ситуации кога храбрата Македонка била единствена жена која се натпреварувала со мажите. И тука победувала, а најлоши пласмани и биле третите места! Зарем ова не говори најубаво за храброста, силата и квалитетите на неприкосновената шампионка, која беше југословенска, но и светска рекордерка…