Новак Ѓоковиќ вчера ја освои третата титула на Ролан Гарос и стигна до рекорден број на гренслем трофеи, па со 23-ката во своите витрини го надмина Рафаел Надал на вечната листа.
Српскиот тенисер испиша нов тениска историја и веќе за многумина тој е најголем играч на сите времиња, а интересно беше да се види тоа што една од првите честитки пристигна од најголемиот шампион на Френч Опен.
Рафаел Надал е 14-кратен освојувач на Ролан Гарос и оваа година не можеше да ја брани титулата поради повреда, но покажа класа и неколку минути по мечот му испрати порака на својот голем ривал.
Шпанецот се огласи преку социјалните мрежи и му честиташе на Ѓоковиќ, кој од утре се враќа и на првото место на АТП листата.
„Големи честитки за ова неверојатно достигнување. 23 е број кој пред неколку години изгледаше незамисливо, но ти успеа во тоа! Уживај со семејството и со твојот тим“, порача Надал.