Пенелопе Круз и нејзиниот сопруг Хавиер Бардем прошетаа на црвениот тепих на доделување на наградите „Гоја“. Хавиер шести пат ја доби наградата за најдобар актер, глумејќи во филмот на Фернандо Леон де Арано El buen patron.
Актерот оваа награда му ја посвети на своето семејство, прво спомнувајќи ја сопругата.
“Сакам да ѝ ја посветам оваа награда на Пенелопе, жената која ја сакам, почитувам, ѝ се восхитувам и ја славам секој ден. Те сакам многу.“
Прекрасниот момент на изјавување љубов преку говорот го заокружи спомнувајќи ги своите деца Леонард и Луна.
“Вие двајца сте најубавиот подарок што животот ни го дал. Ве сакаат мама и тато“.
Инаку, Пенелопе Круз која цела 2021 година добиваше награди и пофалби за филмот „Parallel Mothers“, кој освен номинации за „Гоја“ ѝ донесе и номинација за „Оскар“, на црвениот тепих пристигнала во раскошен балски фустан на модната куќа „Шанел“. Круз е заштитно лице на брендот и исклучиво можеме да ја видиме само во негови креации, а оваа е една од најефектните досега.