Уште една мистериозна смрт на руски олигарх беше објавена од страна на руските медиуми. Извршниот директор на Корпорацијата за развој на Далечниот Исток и Арктикот (ЕРДЦ), Иван Печорин, наводно паднал од брод на кој се наоѓал додека патувал со огромна брзина, пренесува „Њузвик“.
Руските власти вчера го лоцираа телото на 39-годишниот Печорин, кој беше висок извршен директор во енергетскиот сектор и беше активен на Арктикот.
Како што објави „Њузвик“ повикувајќи се на руски медиуми, телото на 39-годишниот е пронајдено во близина на остров на Јапонското Море.
Печорин, како што објави рускиот весник „Комсомолскаја правда“ , имал задача да ги модернизира воздухопловните сили во источна Русија и да ги искористи природните ресурси на Арктикот во светлината на острите западни санкции.
Тој имено присуствувал на Источниот економски форум што неодамна се одржа во Владивосток, чиј домаќин беше рускиот претседател Путин.
„Извршниот директор на Корпорацијата за развој на Далечниот Исток и Арктикот (ЕРДЦ), Иван Печорин присуствуваше на Источниот економски форум – домаќин на претседателот Владимир Путин во Владивосток. Смртта на Иван е огромна загуба за неговите пријатели и колеги, голема загуба за компанијата “, објави компанијата на својата веб-страница.