Навивачите на европскиот првак Ливерпул од регионот, пред се од поранешна Југославија престојниот викенд (26 и 27.октомври) ќе го имаат својот 9-ти регионален собир. Скопје е по вторпат домаќин на фановите на „црвените“ од регионот, а годинашниов собир се очекува да биде збогатен со присуство на фановите и од Бугарија, од Романија, …
Покрај дружбата и заедничкото гледање на неделниот натпревар од Премиерлигата со Тотенхем (почеток 17.30 часот) предвиден е забавен турнир во мал фудбал (почнува во 11 часот), потоа загревање со Irie Scratch, а по дуелот и со Beta house.
Собирот ќе има и хуманитарен карактер, бидејќи средствата собрани од лотаријата ќе одат за поддршка на лекувањето на Јана Арсовска. Јана боледува од редок вид на карцином, во рамките на чие лекување има извршено две трансплантации на коскена срж.
Химната на навивачите на Ливерпул – „YOU’LL NEVER WALK ALONE“ ќе се слуша и сабота навечер (26.октомври) за кога е предвидено и официјалното добредојде за гостите.
Досегашните собири се имаат одржано во: Сараево 2013, Зрењенин 2013, Скопје 2014, Котор 2015, Љубљана 2015 , Загреб 2016, Сараево 2017 и Белград 2018 година.
9.тиот РЕГИОНАЛЕН СОБИР ќе се одржува во BackYard Lounge Bar & Kids Area (поранешно Мондано – позади гимназијата Јосип Броз Тито). Собирот го организираат Macedonian Reds.