Основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс се најде во центарот на нова афера, бидејќи американските медиуми тврдат дека тој испратил „непристојни“ е-пораки до вработенa во неговата компанија, на што другите менаџери во компанијата му го свртеле вниманието и му наредиле да престане правејќи го тоа.
Аферата, која сега е откриена, наводно се случила во 2007 година, многу пред да се открие втората афера, според која Гејтс бил во љубовна врска со вработена, по што го напуштил управниот одбор на „Мајкрософт“, пишува „Волстрит Журнал“, а пренесува „Њујорк пост“.
Гејтс наводно испраќал мејлови, во која ѝ се додворувал на вработена додека и самиот бил вработен во Мајкрософт, но не е јасно дали го сторил тоа кога бил шеф на развојот на софтвер, кој го презеде по напуштањето на функцијата извршен директор или кога веќе стана претседателот на одборот.
Основачот на „Мајкрософт“ наводно поканил вработена во таа компанија да го види надвор од работното време и надвор од кампусот на „Мајкрософт“.
Други лидери на софтверскиот гигант дознале за тие пораки во 2008 година и одржале состанок со него поради тоа.
На тој состанок, главниот правен советник на компанијата, Бред Смит и шефот за човечки ресурси, Лиза Брумел, му рекле на Гејтс дека е-поштата е несоодветна и му наредиле да престане да ги испраќа, пренесуваат американските медиуми.
Милијардерот се согласи дека испраќањето е-пошта до соработниците е лоша идеја и се согласи да не ги испраќа повеќе, наведува „Волстрит Журнал“, повикувајќи се на информирани извори. Против Гејтс не биле спроведени дополнителни постапки, бидејќи тој не бил во физички контакт со соработничката.
Бриџит Арнолд, портпарол на Гејтс, изјави за весникот дека тоа се „лажни тврдења, рециклирани гласини од извори кои немаат директно знаење, а во некои случаи се во судир на интереси“.
Портпаролот на Мајкрософт Френк Шо изјави дека вработениот никогаш не поднел жалба против Гејтс.
„Иако флертуваа, немаа сексуална конотација, но беа оценети како несоодветни“, рекол Шо за е-поштата.
Да потсетиме, во текот на 2019 година, американските медиуми објавија дека Гејтс бил во врска со соработничка, и дека бордот на директори на „Мајкрософт“ бил информиран за тоа. Кога ја започнаа истрагата, Гејтс ја напушти својата позиција во одборот на директори, а по некое време се разведе од сопругата Мелинда, изјавувајќи дека е „виновен за разводот“.
Гејтс бил вмешан во уште една афера објавена од американските медиуми, дека бил во блиски пријателски односи со милионерот Џефри Епштајн, обвинет за педофилија и подведување на малолетници.