Осум патници на нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ со регуларни резерваци извисиле на саботниот лет од Берлин за Скопје – објави Независен.
„На аеродромот ‘Шенефелд’ имаа проблем мојата сопруга, која има дипломатски пасош, една нејзина колешка и уште шестмина други патници. И ова не е прв пат. Осум патници со регуларно платени билети се покажа дека се вишок. Зошто? Затоа што ‘Визер’ имал политика да им откажува на тие што се чекираат последни, во случај кога сите што купиле карта ќе се пријават на летот“, вели сопругот на една патничка.
Патничката го чекирала билетот во петокот, но авионот на саботниот лет бил преполн. Била заедно со ќерката и сопругот. На ќерката, која имала резервација уште од Скопје, ѝ рекле дека е на списокот на патници и ѝ дозволиле да влезе во авион, но на неговата сопруга не. Исто како и на нејзината колешка.
„И двете покажаа дипломатски пасош. Бадијала. Им рекоа дека сè ќе им биде компензирано и ќе ги вратат со следниот лет. Но тој лет е во вторник. А сопругата треба да се јави на работа в понеделник. Многу непријатна работа. Немаше претставник на ‘Визер’ на аеродромот, немаше каде да се обратиме. Багажот, заедно со оној на ќерката, ѝ беше пуштен за Скопје, а таа остана во Берлин, без ништо. А Берлин не е Скопје, ништо не работи во недела. Среќа, ги земаа од Амбасада, замислете да требаше да плаќаат хотел“, вели сопругот.
По цела ноќ барање билети, нашле за враќање в недела, но само до Приштина.