Нов случај на врсничко насилство се случи во ОУ „Бранко Радичевиќ“ во Нов Белград. Еден од родителите на учениците од тоа училиште за „Блиц“ тврди дека две момчиња претепале момче од кинеска националност во соблекувалната за време на физичко образование, а тој следниот ден донел нож во училиште.
Директорката на таа институција, Сузана Липиќ, вели дека истрагата е во тек, и дека „училиштето нема да игнорира ниту една насилна ситуација“, пренесуваат медиумите во соседството. За овој случај дознале, како што вели, на неодамнешна родителска средба и тоа од мајката на детето. Наводно, момчето со месеци е изложено на врсничко насилство.
Родителот рекол дека две паралелки од седмо одделение имале заеднички час по физичко и дека за тоа време момчето, кинески државјанин, останало во соблекувалната и играло на телефон. Потоа, како што тврди таа, дошле три момчиња, едното го држело додека другото го тепало. Момчето, наводно имало хемиско пенкало во раката и бранејќи се избодело едно од момчињата во кошулата.
Кога се обидел да излезе, момчињата „го собориле на подот, го клоцале и го плукале“. Според родителите, „тоа го гледале други две момчиња“ кои, како што вели, не реагирале, а ниту наставничката и полицаецот во училиштето знаеле што се случува.
Родителот понатаму вели дека ученикот од Кина следниот ден дошол на училиште со нож и им го покажал на соучениците. Родителот нагласува дека ова не е прв пат да се случува врсничко насилство, а за тоа дознале на средба пред два дена.