„Спортмедиа“ го пронајде момчето кое со својот велосипед возеше покрај автобусот на Вардар од скопскиот аеродром до градскиот плоштад. Станува збор за скопјанецот Трајче Јовановски, верен фан на „црвено-црните“.
Неговиот план бил поинаков но поради доцнењето на авионот морал истиот да го промени.
Кога ја погледнавме фотографијата забележавме детско седиште на неговиот велосипед, најважниот дел од приказната.
-На скопскиот аеродром дојдов со мојата ќеркичка. Мојата желба беше заедно со неа да го пратам автобусот на овие момци херои. Но, откако и официјално потврдија дека летот им е одложен и во Скопје ќе слетаат подоцна го променивме првичниот план, ќеркичката ја пратив со автомобил, а јас тргнав со велосипед. За ваков успех и за оваа радост вреди и да трчаме по автобусот, раскажа за „Спортмедиа“ Трајче, кој како и останатите фанови сакаше на свој начин да им се заблагодари на „црвено-црните“ за убавиот викенд кој и го приредија на цела Македонија.
Јовановски оди и на фудбал и на ракомет.
-Одам почесто на ракомет, но секако го сакам и фудбалот. Без разлика дали игра ракометниот или фудбалскиот тим на Вардар, секогаш седам на матичната трибина – ЗАПАД.
За крај посака и следната година Вардар да се пласира на фајнл-фор, секако да се врати со пехарот, па тогаш заедно со неговата ќеркича ќе може одново да вози покрај автобусот на европскиот првак.
ИЗВОР: СПОРТМЕДИА.МК