Група од пет лица престојуваат два месеци на пуст остров во Андаманското Море што припаѓа на територијата на Мјанмар. Англичанката Натали Пул (35) за британските медиуми изјави дека нејзиното патување на островот Кјун Пила се претворило во кошмар, откако последниот брод што требаше да ја однесе групата назад на копно, одеднаш беше откажан.
„Ние броиме ден по ден“, рече Пул, која поминува скоро 70 дена со своите пријатели на пуст остров, кој го делат со скорпии, гуштери и змии. Враќањето дома не е наскоро на повидок.
– Најлошо е во целата приказна, немаме идеја како и кога си одиме дома. А нашата храна и испораките за прва помош стануваат се потенки …
Целта на патувањето всушност беше волонтирање. Групата странци дојде во помош за да спасат еден корален гребен, но работите брзо тргнаа по удолнина. Последниот брод, што требало да ги врати на копно беше откажан на 5 мај поради продолжување на карантинот во Тајланд.
– Како се согласуваме? Што да кажам, има подеми и падови … – рече Пул, која е на островот од 19 март.
За среќа, има сигнал на островот, па така тие сè уште можат да ги известуваат своите семејства преку Фејсбук.
– Ве молам, помогнете ни! Во понеделник еден брод пристигнува на островот, но тие не сакаат да не качат, бидејќи ние немаме резервирано авионски билети за да се вратиме дома. Тие бараат од нас да ги покажеме билетите на авионите, но ситуацијата е таква што нема летови од Јангон (Мјанмар)! – напиша Пул и предупреди на една важна работа.
– Потребни се шест часа за да се дојде до копното. Но, проблемот е со времето. Ако се влоши, што е многу возможно, нашето враќање ќе биде невозможна мисија!
Друштвото живее во импровизиран камп направен од трска. Тие се на 15-минутна прошетка од единственото одморалиште на островот, но тоа беше затворено на почетокот на пандемијата. Тие имаат храна за уште мал период.
– Ние обрнуваме внимание на тоа колку јадеме, но и на она малку што го имаме, полека доаѓа до крајот, додава Пул.