Доктор Харис Бабичиќ по потекло од Македонија кој неколку години работи на Каролинска институтот во Стокхолм, Шведска, на својот Фејсбук профил прави една куса анализа на состојбата со ширењето на коронавирусот во земјава.
Д-р Бабичиќ својата анализа ја нарекува и Неколку летни белешки за коронавирусот во Македонија:
1. Можеби конечно сега ќе се согласат сите дека без сомнеж епидемијата на SARS-CoV-2 коронавирусот во Македонија не е под контрола. Во тек е втор бран, кој е поголем од првиот бран. Со сегашниот тренд, можно е да ја надминеме бројката од 10.000 заразени на почеток на јули. Да се надеваме дека сезонскиот ефект и поголемата внимателност и одговорност на народот ќе го забави трендот.
Овој бран сѐ уште може да се стави под контрола и здравствениот менаџмент (Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести) се обидува да го направи тоа. Делуваат изморени, разочарани и малку збунети, што е и разбирливо при втор, ран и уште потежок блицкриг по успешно извојувана битка. Ќе беше многу покорисно да сега а и во изминатиов период беа многу погласни околу тоа дека епидемијата не е под контрола.
2. Некорисно е да трескаме по тастатурите барајќи оставки и целосна замена со нови експерти. Тие луѓе имаат целосен увид во состојбата и имаат и знаење и искуство кое мал број луѓе го има во државата. Доколку можеме да им помогнеме во биткава директно, добро е да се понудиме и им дадеме некој конкретен предлог базиран на докази а не на лично мислење. Доколку тоа не е случај, најдобро да малку посмирено ја следиме состојбата, малку повеќе да се посветиме на себеунапредување и на семејството, да читаме повеќе и да следиме препораки.
Здравствениот менаџмент може да осмисли и реализира колку сака интервенции, но доколку нема соработка од мнозинството (сите) граѓани, тоа нема да биде успешно.
3. Ситуацијата во Македонија во моментов не е хаотична/катастрофална/целосно изгубена/како во Бангладеш*. Сѐ уште немаме огромен број случаи и починати, но е дефинитивно поголем одошто е очекувано и одошто било при првиот бран. Здравствениот систем засега не е преплавен и има подобар капацитет за справување со бранов од пред три месеци. Но, девалвирани се напорите кои се направени во изминатиот период а кои многу ја чинеле и државата и народот економски и здравствено.
Мерките кои беа првично преземени беа правовремени, успешни и требаше да обезбедат помирно лето со отворени граници со соседството и услови за избори. За жал, не беа испочитувани до крај и затоа го имаме вториот бран. Разбирливо е да сите се разочарани од тоа – и народот и оние кои ја дизајнирале стратегијата. Но, мора да се продолжи понатаму со голема упорност и одлучност. Вирусот не се заморува и војната со него нема да заврши со една кратка битка. Оваа приказна ќе трае и ќе биде многу тешко емотивно, ментално и материјално. Врескајќи едни на други ама ич нема да ја олесни состојбата и треба да развиеме постабилни ментални механизми за соочуваме со овие несигурности.
Сегашниот епидемиски статус во Македонија го замислувам како една голема нафрлена маса на динамит на која е прикачен фитиљ што гори и сме во трка да тој фитиљ го изгаснеме додека не експлодирал во огромен број случаи. Да се надеваме дека поголема експлозија нема да се случи но да се подготвиме дека тоа е доста веројатно.
* користење на фразата “сме како во Бангладеш” во пејоративна смисла мене ми звучи како расизам.
4. Здравствениот менаџмент добро го менаџираше првиот бран. Ретроспективно гледано*, мислам дека три недели прерано беа опуштени рестриктивните мерки поради неземање предвид верско-политички фактори, но не можеме да го сведеме вториот бран само на тој фактор. Факт е дека немало доволно соработка меѓу одреден дел од граѓаните, институциите и голем број политички чинители – во техничката влада и вон влада, градоначалниците и верските водачи.
Ние имаме еден државен феномен на паралелни структури на сите нивоа – секоја некоја група на која не и се допаѓа како се организира нешто на државно ниво, си прави свои структури, покажувајќи нарцисоиден отпор кон институциите. Нема обиди за соработка и борба за национален интерес; има сурова борба за уништување на опонентите и идеите со кои некоја група не се согласува. Во однос на корона кризата, тоа мора да прекине. Врескањето едни на други мора да прекине и дијалог мора да се воспостави.
* многу полесно е гледајќи наназад да анализираме и донесуваме заклучоци. Тоа треба да го правиме не за обвинувања туку за да научиме како да се подобриме во наредните чекори.
5. Клучен фактор на стабилност во ваква криза треба да бидат политичарите, кои па упорно покажуваат немање политичка и здравствена култура. На народот му треба лидерство, не калкулирање со гласови. Пандемијата ќе потрае и нема да има победници. Како што стојат работите сега, која стратегија и да ја преземеме добиваме едно за сметка на друго. Не знам зошто некој би се обидувал да продаде некаква поуспешна приказна за која никој од нас нема докази дека е остварлива на долгорочен план и не е игра на нулта сума. Да не се залетуваме со лични мислења и тврдења.
Од она што го знаеме досега, многу луѓе ќе починат. Некои од смртните случаи засега нема да можат да се спречат ни со третман; можеби во иднина, да. Но, битно е да не дозволиме да некој почине затоа што не добил навремен фер третман и шанса. И тоа е возможно, правено, се прави во Македонија и може да се подобри. Имаме добри лекари и достапни се сите лекарства за кои има некаква индикација или доказ за ефикасност во третман на COVID-19. Битно е кога имаме некаква државна стратегија, да сите активно помогнеме да таа биде што подобра, наместо да потајно посакуваме да пропадне или да активно ја саботираме.
6. Епидемиите не се само медицинско-научно прашање туку и морално, политичко, социјално, правно… Типичен пример за важноста на еден широк општествен и стручен дијалог ни се изборите. Рано е за избори ако ја погледнете епидемиолошката состојба на државата. Но и доцна е да државата нема парламент и функционални институции. Пандемијата ќе потрае најмалку уште година-две, дали можеме да дозволиме да немаме парламент и политичка влада дотогаш и колку добро е тоа за епидемиолошката состојба во државата? – Гледајќи ја сегашната состојба при која субјекти во владата активно се саботираат и се обвинуваат едни со други поради различна партиска припадност, не мислам дека влада во оваа структура би била ефективна за наредните фази. Дополнително, ни треба контрола врз власта од парламентот и функционални државни институции, па колку год да биле несовршени.
Во однос на тајмингот – состојбата на 15-ти јули ќе биде епидемиолошки понестабилна од април, но немаме никакви индикации дека би била постабилна во август или септември. Можно е да биде уште понестабилна во август, а убеден сум дека ќе биде многу потешка наесен и зиме кога ќе се совпадне со епидемијата на грип. За тогаш мора многу, многу сериозно да се подготвиме и мора да имаме политичка стабилност и соработка од сите политички чинители.
Како и да е, битно политичарите покажаа некаква култура па се договорија за нешто што беше важна политичка одлука. Сега останува да изборите се спроведат со минимален ризик. Веќе треба да се почнати подготовките и да се едуцира населението како да постапува при избори за намалување на ризикот. Четири недели бргу поминуваат.
Треба да имаме на ум дека со сегашниов тренд на пораст на случаи, нема да биде воопшто лесно да се одржат изборите. Не можам да ја разберам одлуката да граѓаните кои ќе се заразат недела дена пред изборите нема да имаат право на глас. Медицински, нема причина да тие луѓе бидат лишени од глас освен доколку се во толку лоша состојба да не можат да расудуваат. А верувам дека постои начин да се организира да добијат право на глас. Чекам да видам што правниците и експертите по човекови права велат на тоа…
7. Нема докази дека вирусот е ослабнат. Тоа што се детектираат повеќе случаи кои се асимптоматски или со поблага клиничка слика поради поголем број тестови, не е доказ дека вирусот мутирал во побенигна варијанта. Сезонските ефекти можно е да имале (не знаеме колку) влијание да клиничката слика биде поблага со намалување на инфективната доза, со поголемата влажност во дишните патишта која можеби обезбедува поголем отпор за продор на вирусот во долните дишни патишта и заедно со покачената температура на воздухот можеби влијаат врз намалување на веројатноста за врзувањето на вирусните честички за рецепторите.
Нема докази ни дека вирусот станал позаразен или посмртоносен.
8. Ставањето на машини/вентилатори НЕ ги убива пациентите. Анестезиолозите/ интензивистите, во соработка со инфектолозите, знаат многу добро кога е неопходно да се стави некој пациент на машина. Велам неопходно, бидејќи ако не се стават на машина шансите да тие пациенти умрат се големи.
На крај, се надевам дека сте добро и дека ќе останете добро. Не се плашете, ама бидете одговорни“, напиша Харис Бабичиќ на својот Фејсбук профил.