По објавата на компанијата „Фајзер“ за новата вакцина против Ковид-19 се огласи и нашиот млад епидемиолог Харис Бабачиќ, кој работи на „Каролинска“ институт во Шведска.
Тој на својот Фејсбук профил напиша:
“ЗА НОВАТА ВАКЦИНА
Резултатите на интерим (првична/прелиминарна) анализата на Pfizer вакцината против SARS-CoV-2 делуваат охрабрувачки. Мислам дека наскоро ќе слушаме уште добри вести…
Без да го обесхрабрам ентузијазмот, да потсетам дека клиничкото испитување во фаза 3 е сè уште во тек и треба да почекаме да ги видиме сите резултати.
Доколку испитувањето заврши во целост во декември и независни тела ја потврдат точноста на процената на ефикасност, тогаш можеме да очекуваме масовното вакцинирање да започне во 2021-ва.
Доколку вакцината навистина има 90% ефикасност, тоа се одлични вести кои ги надминуваат очекувањата. Тоа би значело дека и со некои 74% вакцинирано население ќе можеме да ја сопреме пандемијата. И дека можеби ќе можеме да идеме на одмор во лето 2021-ва на раат.
Сè уште не знаеме со сигурност дали вакцината ќе ги штити ранливите категории од потешка болест и смртен исход, што мислам дека е најважна цел за една SARS-CoV-2 вакцина. Но, можеме да претпазливо го очекуваме тоа.
Клучните прашања кои сите здравствени власти треба да ги отворат и искомуницираат со своите граѓани сега се: 1. Кон која цел треба да го насочиме вакцинирањето?
2. Дали е потребно да ја вакцинираме целата популација (т.е. бар 74% на пример со оваа вакцина)? и/или
3. Кои таргет ранливи групи први треба да ги вакцинираме? – Ова треба да биде приоритет и да веќе има јасен план за тоа.
4. Во зависност од тоа, дали е потребно да вакцината биде задолжителна?
НАЈБИТНОТО СЕГА е да разбереме дека додека да пристигне било која вакцина (оваа или друга), имаме пред нас еден голем зимски бран на зараза со кој треба да се соочиме. Овој бран веќе е и ќе биде поголем од првиот и повеќе луѓе ќе починат.
Во исчекување на вакцината, да сега повеќе од било кога бидеме многу, многу внимателни за да на пролет имаме кој да заштитиме со таа вакцина “ напиша Харис Бабачиќ.
Инаку, компаниите „Фајзер“ и „БиоНТек“ кои заедно работат на развојот на вакцина, претходно соопштија дека нивната вакцина е 90 отсто ефикасна во спречувањето на заболувањето ковид-19 во третата фаза од истражувањето.