Зоран Михајлов
За секоја земја претставува голема чест и радост да има спортисти со освоени олимписки медали. Тоа е нормално зашто Олимпијадите се најголемите спортски настани и тие ја покажуваат вистинската вредност на секој спортист. Во минатото, пред распадот на поранешната држава, Македонија во составот на југословенската репрезентација имаше освојувачи на медали со кои се гордеевме. Потоа доаѓа моментот кога по осамостојувањето најголемата радост ни ја донесе борачот Могамед Ибрагимов. Тој на ОИ во Сиднеј 2000 година го освои бронзениот медал, па засега е нашиот единствен носител на олимписки медал откако Македонија самостојно учествува на Игрите. Така, популарниот Моги стана нашиот најдобар и најпознат спортист на преминот од минатиот во овој век!
Преку Азербејџан во македонскиот дрес!
Интересен е спортскиот пат на Ибрагимов. Тој потекнува од познатата руска школа, која меѓу другите центри во поранешниот СССР, свои корени „пушти“ и во Махачкала, главниот град на Дагестан лоциран на брегот на Каспиското Море. Овде во една силна конкуренција Ибрагимов уште од пионерските денови почна да се кали и да ги развива своите квалитети.
-Тој уште од детските денови покажуваше дека има голем талент за боречкиот спорт – се сеќавам на зборовите на прославениот тренер на репрезентацијата на поранешниот СССР, потоа и на Русија, Шахмурадов, со кого ме врзува пријателство уште од 80-сеттите години на минатиот век, кога дојде како инструктор во Македонија и извесен период работеше со нашите борачи.
Меѓутоа, за Ибрагимов проблем беше што во периодот кога од младинска мина во сениорска конкуренција, во Русија имаше по десетина одлични борачи во секоја категорија. Секој од нив ако настапеше на големите приредби – светски и европски првенства, а и Олимпијади, имаше шанса да се бори за медал. Така патот до националниот дрес беше многу тежок, а требаше и среќа. Во такви околности многу руски борачи шансата за афирмација ја бараа надвор – во другите репрезентации.
-Јас во тој период,кога ги постигнував првите победи на меѓународна сцена во сениорска конкуренција добив понуда од една боречка велесила -Азербејџан да ги бранам боите на оваа зeмја – вели Ибрагимов. Многу не се колебав и брзо станав член на репрезентацијата на оваа земја, која инаку се граничи со Дагестан, па некако Баку ми беше најблизок град до мојата Махачкала. Уште на првиот старт на Европското првенство во 1995 година, настапувајќи во дресот на мојата нова земја – со 21 година го освоив златниот медал. Истата гоина бев 5-ти на Светсското првенство со што изборив виза за настап на Олимпијадата во Атланта 1996 година.
На своето олимписко деби малку недостигаше Ибрагимов да освои медал. Но, ситуацијата во неговата категорија толку се искомплицира, што на крајот мораше да биде задоволен со петтото место. Овој пласман не беше за потценување, па така тој им „легна“ на окото на боречките стручњаци кои посакуваа да го видат во својата средина. Во таа, би рекол, трка по Моги стартуваше и Македонија.
За Македонија – злато од ЕП и сребро од СП
Доаѓањето на Ибрагимов беше нов импулс во македонскиот боречки спорт. Пред него во Радовиш беше дојден уште еден руски борач – Валериј Верхушин. Тој со своите настапи на меѓународна сцена покажа дека беше добра инвестиција. Верхушин, во моментите кога од душекот се повлекоа Трстена, Шоров, Димков и Николовски, заедно со Соколов и Вранези беше нашата боречка перјаница. Тој на Европското првенство во Будимпешта го освои бронзениот медал и го визираше пасошот за Олимпијадата во Атланта. Во меѓувреме настапуваше и во екипата на европскиот и светски клупски првак Бучим-Јака.
Меѓутоа, Ибрагимов беше нешто посебно. Тој на Македонија и донесе сребрен медал од Светското првенство во Техеран во 1998 година. Таму во финалната пресметка, која имав привилегија да ја гледам, по голема борба загуби од иранскиот борач Хајдари, кој ја имаше громогласната поддршка од 10-илјадната публика. Тоа беше вистински пекол низ кој мораше да мине Моги. Но, тој, во една рамноправна борба, чесно се избори, иако на крајот беше поразен на поени. Затоа пак следната година триумфираше на Европскиот шампионат во Минск, што беше прва европска титула по осамостојувањето, инаку петта за Македонија по оние четири – по две на Сејдиу и Трстена пред распадот на поранешната држава.
Овој резултат беше големо охрабрување пред доаѓањето на олимписката година. Ибрагимов требаше да мине низ уште една неизвесност на Светското првенство во Истанбул во 2000 година, па да стигне до Олимпијадата во Сиднеј. Но, тука дојдоа проблемите. Не беше најдобро подготвен и на СП во Истанбул беше дури 11-ти. Е, дури сега, бидејќи не ја исполни нормата (пласман меѓу седуммината борачи) почнуваа неговите маки и низ петте квалификациски турнири требаше да стигне до олимпискиот боречки турнир.
Моги почнува нова одисеја, заeдно со својот сонародник Гаџиханов, кој мораше да го мине истиот пат. Стартот на првиот турнир во Минск беше охрабрувачки и беа освоени првите поени. Двајцата својот квалитет го демонстрираа две недели подоцна на турнирот во Лајпциг, кога ги освоија првите места во своите категории. Олимпијадата се назираше, но мораше да се оди уште на три турнири (во таа година ми се чини беа најтешките квалифиукации за ОИ). Потоа, следеа настапи во Токио, Мексико и на крајот во Александрија. Насекаде двоецот Ибрагимов-Гаџиханов предводен од тогашниот селектор Ристо Дарлев беше меѓу најуспешните, па така беше изборена виза за Олимпијадата.
-Мора да кажaм, вели од оваа временска дистанца Моги, дека навистина во тие месеци бев пред многу искушенија. Но, бев решен да успеам, за да не ја разочарам македонската спортска јавност. Во еден момент, кога веќе минав низ сето ова, си помислив: зошто максимално да не ја искористам шансата и на Олимпијадата да стигнам до медал?
Четири победи до олимписката „бронза“
Ибрагимов замина во Сиднеј мотивиран и решен на Македонија, по осамостојувањето, да и го донесе првиот олимписки медал.
-Чувствував голема обврска и одговорност, вели Ибрагимов. Знаев дека сите од мене очекуваат не само висок пласман, туку и медал. Во мечевите влегов максимално концентриран и подготвен да ги извлечам и послeдните атоми од силите – само да стигнам до пиедесталот.
Во категорирајата до 85 килограми во која настапуваше нашиот репрезентативец конкуренциојата беше многу силна. Но, почетокот беше охрабрувачки. На стартот беше победен Украинецот Бачинашвили. Потоа дојде и победата над цврстиот Јапонец Каваи. Патот полека се отвораше, но се уште беше рано за радост. Имаше уште двајца тешки противници – Американецот Бартон и Иранецот Кадем. Првиот по голема борба го совлада со 4:2, а вториот во една „Хичковска“ завршница, дури во продолжението со еден извонреден зафат го победи со 4:1. Единствениот пораз, претходно во полуфиналето го доживеа од руската боречка легенда Саитиев, кој важи за еден од најдобрите борачи на сите времиња. Тој беше вистинска машина која просто „мелеше“ на душекот и на која ретко кој можеше да и се спротивстaви.
Четирите победи на Моги – до кои дојде со манифестирање на големо мајсторство и сила на душекот, му овозможија на крајот да се најде на третата позиција на олимпискиот пиедестал. Радоста беше голема, овој успех беше прославен во македонската експедиција во Сиднеј и меѓу нашите сонародници таму, но и во целата држава. Тоа беше прв медал од Олимпијадите во историјата на самостојна Македонија. Овој резултат и јас како коментатор на МТВ, го доживеав емотивно, па по решавачката победа над Кадем во која беше освоена бронзата го загубив гласот и 30-сетина секунди имаше вистински молк на микрофонот, се до моментите кога и јас се созедов и со големо задоволство продолжив да го величам успехот на нашиот ас.
Тогаш си помислив: една мала земја како Македонија, еве доживеа да се радува на олимписки медал. Потоа, повторно имаше наплив на емоции – се до моментите кога конечно сфатив дека сето ова што го гледав и коментирав е вистина! Бронзениот медал светна на градите на Могамед Ибрагимов.
Еднаш напишав, сега само ќе го повторам истото: олимписката „бронза“ на Моги се уште ги грее нашите срца…
Лична карта – Могамед Ибрагимов
Роден во 1974 година во Махачкала (Дагестан-Русија)
Кариера: БК Махачкала, БК Бучим –Јака, репрезентативец на Русија, Азербејџан и Македонија
Успеси: Трет на ОИ во Сиднеј, втор на СП во Техеран, 3 пати европски првак, светски клупски првак со Бучим-Јака, победник на многу меѓународни турнири