Дваесет и двегодишната трудница која почина од ковид-19 имала дијабет и проблеми со тироидната жлезда, појасни Министерството за здравство.
Таа на 26 ноември од Клиниката за гинекологија била префрлена во ГОБ „8 Септември“ во многу тешка состојба. На Гинекологија била примена три дена поради комплицирана бременост, а породен бил и мртов плод со царски рез.
Од Министерството за здравство велат дека нејзината здравствена состојба била многу лоша и пациентката за цело време била на респиратор.
„Третманот со респиратор продолжил и во ГОБ „8 Септември“ каде што била донесена во критична состојба. За време на лекувањето во двете институции преземени се сите мерки на интензивно лекување. И покрај тоа, пациентката починала на 9 декември“, информираат од МЗ.