И оваа година повеќето Македонци ја одбраа Грција како дестинација за некој продолжен празничен викенд или како место каде што ќе го поминат нивниот годишен одмор. Сите зборуваат за покачените цени на лежалките, на храната и на пијалоците, па внимателно се планира буџетот пред да се замине на избраното туристичко место.
Една понуда особено ги заинтригира нашите граѓани, а истата се однесува на Неи Пори, едно од најпопуларните летувалишта кај нашиот јужен сосед, сместен под планината Олимп и одалечен околу 160 километри од нашата граница.
Овде чадор, лежалка, кафе, крофна и шише вода ќе ве чинат само четири евра. Оние што бараат влакно во јајцето велат дека цената е ревидирана во однос на минатата сезона, но 50 центи не е ништо во споредба со поскапувањата на сите други места.
„Колку за споредба, во Лептокарија за две кафиња ќе платите осум евра, а за тие пари ќе добиете гратис вода и лежалки кои смеете да ги користите само три часа“, коментира еден турист на социјалните мрежи.