Хуанита Нитла (42) веќе 16 години работи како медицинска сестра на интензивна нега во Кралската болница во Лондон, каде, меѓу останатото, ги исклучува пациентите од респиратор.
„Некогаш имам чувство како да сум одговорна за нивната смрт“, рекла таа.
Лекарските тимови се соочуваат со тешка одлука кога треба да ги исклучат апаратите, откако ќе забележат дека пациентот не се опоравува. Тие тоа го прават после внимателно размислување и анализирање на фактите, како што се возраста на пациентот, болеста од која страда, неговата реакција на вирусот…
Втората недела од април, на Хуанита по доаѓањето на работа ѝ било кажано дека нејзината прва задача е да ја исклучи од апарат нејзината колешка – медицинска сестра (50), која исто така заболела од Ковид-19. На семејствата тогаш сè уште не им било дозволено да се поздрават со своите блиски кои умираат од коронавирусот, па морала да ја извести ќерката на пациентката преку телефон.
„Ѝ реков дека нејзината мајка нема болки и дека изгледа како да ѝ е добро. Исто така ја прашав за желбите и верските потреби на нејзината мајка“, рекла за „BBC“ Хуанита Нитла.
Пациентката била во просторија со осум кревети, опкружена со луѓе кои исто така биле без свест. Хуанита ги повлекла завесите и ги исклучила уредите, а персоналот за момент замолчел. Хуанита го доближила телефонот на пациентката до нејзиното уво, за да може ќерка ѝ нешто да ѝ каже. Потоа ја пуштила музиката која семејството ја побарало, и го исклучила респираторот.
„Седнав покрај неа, ја држев за раце сè додека не почина“, рекла таа и додала дека сè се завршило за пет минути.
Ќерката и понатаму нешто ѝ зборувала на мајка си и се молела преку телефон, а Хуанита го земала телефонот и ја известила дека сега е готово.
„Јас и друга колешка ја измивме во креветот, ја замотавме во бело ќебе и ја ставивме во вреќа за мртви. Пред да ја затворам, со раката направив замислен крст на нејзиното чело“, вели Хуанита.
Хуаниа вели дека грижата за луѓето кои умираат ѝ помага полесно да ја поднесе кризата. На одделението некогаш имале 34, а сега имаат 60 кревети. Обично една сестра доаѓала кај еден пациент, но сега една мора да се грижи за тројца. Пред почетокот на секоја смена, вработените се фаќаат за раце и на цел глас велат: „Да останеме здрави!“
„Внимаваме едни на други. Водиме сметка сите да носиме ракавици, маски и заштитна опрема“, вели Хуанита Нитла и открива поразителен факт дека во просек имаат по еден починат дневно, што е далеку над просекот пред пандемијата. Поради тоа понекогаш ѝ е тешко да се ослободи од стравот.
„Имам кошмари. Не можам да спијам. Се плашам дека ќе се разболам. Сите се плашат.“
Меѓутоа, иако минатата година со месеци била на боледување поради туберкулоза и знае дека капациетот на белите дробови ѝ е ослабнат, не сака да престане да се занимава со оваа работа.
„На крајот од смената размислувам за пациентите кои ми умреле, но се трудам да го заборавам тоа кога ќе излезам од болница“, заклучила Хуанита.