Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера беше присутен во штабот на Фидес на Виктор Орбан, во Будимпешта, каде ги чекаше изборните резултати, а по прогласување на победа на Орбан, тој објави селфи со унгарскиот премиер, честитајќи му ја победата.
Во Унгарија, заедно со него е и потпретседателот на партијата, Александар Николоски.
Околу тоа, како се случи Мицкоски и Николоски да заминат во Будимпешта, како поддршка на Орбан додека се чекаа резултатите од парламентарните избори во Унгарија, Мицкоски за „Фокус“ вели дека поканата да биде таму му претставувала голема чест.
-Македонија има голем пријател во Виктор Орбан кој е и мој голем пријател. Голема чест е да бидам поканет заедно со Виктор Орбан и неговите најблиски соработници од Фидес да ги чекаме резултатите – изјавил Мицкоски.
За обвинувањата од страна на СДСМ, дека отишол во Будимпешта по нови насоки и задачи од Никола Груевски, појаснува дека не се сретнал со него.