Тренерот на Болоња, Синиша Михајловиќ кој во изминатите неколку месеци имаше животна битка против леукемијата, синоќа ги собра аплаузите со моќниот говор што го одржа на божиќната прослава во организација на неговиот клуб.
„Борбата со леукемијата оди добро, а јас се обидувам силата да ја црпам од другите луѓе. Сите мислиме дека семејството е најважно. Да, најважно е, ама…ние понекогаш не тежнееме да ја направиме таква се додека човек не дојде во ситуација како мене за да сфати дека постоењето на стабилно семејство е неопходно. Среќна околност за мене е што моето семејство се прошири. Не мислам само на сопругата, децата, туку на цела Болоња, благодарение на претседателот, па целата управа, до играчите, лекарите, вработените во спортскиот центар и градинарите. Накратко – мислам буквално на сите! Сите ми покажаа приврзаност. И, за крај јас се надевам дека ќе имаме во новата 2020 година подобри резултати од актуелното десетто место во Серија А, но сето тоа зависи од претседателот“, рече Михајловиќ во говорот кој кај многумина предизвика солзи.
Инаку, српскиот тренер и додека се лекуваше, се појавуваше на мечеви и кога не требаше, сакајќи да им покаже на избраниците дека треба лавовски да се борат, исто како што тој се бори против тешката болест.