ЗОРАН МИХАЈЛОВ
Без сомнение, Митко Стојковски е еден од неколкутемина фудбалери на Пелистер што не само што оставија трага во матичниот клуб туку имаа и богата меѓународна кариера. Љубовта кон фудбалот кај него се роди уште во детските години, кога во познатото Гени Маале почна да ја шутка топката. Во почетокот, кога имаше 7-8 години, не се разликуваше многу од своите врсници. Но како што минуваше времето, полека стануваше лидер во маалската екипа и најавуваше дека во него се кријат големи фудбалски потенцијали.
Тој отскокнуваше со својот квалитет и во училишната екипа на „Даме Груев“. На еден натпревар против екипата на училиштето „Стив Наумов“, покрај аут-линијата како скаут бил токму Ѓоко Хаџиевски. Еден од нашите најдобри и најафирмирани тренери, во тој период од СОФК-а на Битола бил задолжен да ги открива младите таленти. Така, гледајќи го мечот помеѓу двете училишни екипи, покрај неколкуте други деца, вниманието му го привлекол и Стојковски.
– Бев изненаден, но и пресреќен, кога по завршувањето на средбата Хаџиевски дојде кај мене и ми рече дека добро би било да одам во Пелистер и да ѝ се приклучам на пионерската екипа. Тоа за мене беше големо изненадување, едноставно скокав од радост. Си мислев: значи тренерот видел нешто кај мене штом веднаш ми ја „отвори“ вратата во Пелистер, за кој мечтаеја да заиграат сите битолски деца. Пелистер беше нешто посебно, нешто величествено за нас – се сеќава на тие мигови Митко Стојковски.
За Стојковски и за неговиот натамошен развој како фудбалер, многу беше значајно што се најде во една средина во која можеше да напредува. Тој почна да тренира со најталентираните момчиња, кои подоцна израснаа во извонредни фудбалери. Тука, меѓу другите, беа Миле Димов, Петар Милошевски, Грозданов, Пресилски, Секуловски, Цветановски.
– Оваа генерација, со која уште од почетокот беше Ѓоко Хаџиевски, подоцна стана една од најуспешните на битолски Пелистер. Хаџиевски знаеше кој како дише. Тој живееше со нас и на сите ни го најде вистинското место во тимот. Неговото око не можеше да промаши, па не е ни чудно што подоцна тој направи навистина една извонредна тренерска кариера. По заминувањето на искусниот Жарко Недељковиќ, кој исто така има заслуги за напредокот на битолскиот фудбал, Хаџиевски беше назначен за прв тренер. Тогаш тој направи еден рез и целата генерација млади фудбалери со кои работеше неколку години, практично ги прекомандува во првиот тим – вели Стојковски.
Децата на Пелистер под водството на стратегот израснаа во вистински асови и со успех се натпреваруваа во силната Втора југословенска лига. Тоа беше еден убав период за фудбалот во Битола, особено истакнат со влегувањето во Првата лига. Тогаш во Пелистер дојдоа Саше Милошевски, Ќириќ, Веселиновски, Костов, фудбалери што оставија трага не само во битолскиот туку и во македонскиот фудбал.
– За жал, немавме многу шанси да се натпреваруваме со најдобрите југословенски тимови, зашто набргу дојде и распадот на Југославија. Тогаш, не само јас туку сите се прашувавме каде ќе продолжиме. За мене среќна околност беше што заиграв за кадетската, а подоцна и за младинската репрезентација на Југославија. Тренери ми беа Владимир Петровиќ-Пижон и Иван Гудељ, кои претходно беа вистински ѕвезди и репрезентативци. Еден ден, на мое изненадување, Пижон ме праша дали сакам да одам во Црвена звезда. Бев возбуден и веднаш реков: „Да, сакам“, иако претходно веќе со едната нога бев во Вардар. Веќе наредниот ден тој ми организира средба со Џаиќ и договорот беше постигнат. Станав член на популарниот клуб, кој токму таа пролет во 1991 година, кога јас го потпишав договорот, стана европски шампион – вели Стојковски.
Меѓутоа, Стојковски во почетокот на подготовките со Црвена звезда, на Игман, крај Сараево, доживеа разочарување. На тренинг-натпревар со Вележ го повреди коленото. Поголем малер од тоа не можеше да го снајде. Мораше да биде опериран кај познатиот доктор Нешовиќ, а потоа шест месеци да паузира, па, така, го испушти и мечот за светската титула со Коло-Коло.
– Немав среќа да заиграм заедно со Панчев и со Најдоски на тој меч, во кој ќе имаше тројца Македонци. Но таква ми била среќата, од судбината не може да се побегне – продолжи Стојковски.
Затоа, подоцна картите се наместија онака како што посакуваше младиот битолчанец и тој стана стандарден во Црвена звезда. На своето деби против Сараево, кога по нерешениот резултат во првото полувреме, 1-1, Стојковски асистираше на два гола во победата на својот тим со 3-1.
– Тој натпревар никогаш нема да го заборавам. Тренерот Владица Поповиќ ми даде шанса да заиграм заедно со Панчев, Најдоски, Савичевиќ, Југовиќ, Михајловиќ, елитни фудбалери за кои беа заинтересирани најголемите европски клубови – вели тој.
СТРЕЛЕЦ ВО ЈУБИЛЕЈНОТО 100-ТО ДЕРБИ
За Стојковски беше резервирана позицијата лев бек, на која дојде по заминувањето на Маровиќ. Со Црвена звезда, во својот три и полгодишен престој во Белград, освои два купа и два шампионата. Одигра 120 средби, од нив и неколку во меѓународните европски купови.
– Поради санкциите што беа воведени кон Србија, натпреварите во еврокуповите ги игравме надвор од државата, најчесто во Сегедин и во Софија, што беше голем хендикеп за нас, а и за нашите навивачи. Тоа беше еден тежок период за целата држава, немаше доволно прехранбени продукти, а немаше и бензин. Сепак, ние фудбалерите бевме привилегирани и не ги чувствувавме многу тие недостатоци – додава Стојковски.
И покрај сѐ, животот, особено фудбалскиот, иако во отежнати услови, сепак се одвиваше. Народот немаше други задоволства и одвај ги чекаше големите мечеви, особено оние традиционалните, меѓу вечните ривали Црвена звезда и Партизан.
– Ја имав таа среќа да бидам актер во јубилејното 100-то дерби помеѓу двата тима. И не само тоа, не знам како се најдов во шеснаесетникот на Партизан, кога топката по ударот на Ковачевиќ се одби од голманот. Ја следев акцијата и како да почувствував дека ќе се случи нешто, па, така, во вистинскиот момент бев онаму каде што требаше и ја пласирав во мрежата. Тоа беше гол за победа со 2-1, а јас бев прогласен за играч на натпреварот. Тоа многу ми годеше, тие моменти нема никогаш да ги заборавам, исто како што не можам да ја заборавам сликата кога од познатиот тунел излеговме на теренот на „Маракана“. На трибините, кои беа преполни со гледачи, дојде до вистинска ерупција. Тогаш навистина ја почувствував големината на вечното дерби. Тоа беше нешто неверојатно. На крајот ми се чини никој не беше посреќен од мене. Навивачите ме величеа, ми честитаа, ја делеа радоста со нас фудбалерите. Радоста не ја криеше ни тренерот Љупко Петровиќ, кој по освојувањето на европската круна во 1991 година, по две години повторно се врати во Црвена звезда – продолжи Стојковски.
ХЕРОЈ НА ОВИЕДО
По забележителните настапи за Црвена звезда, на адресата на Стојковски, кој истовремено стандардно настапуваше за македонската репрезентација, стигнуваа понуди од повеќе клубови. Сепак, тој реши кариерата да ја продолжи во Шпанија, во тимот на Реал Овиедо.
– Ми се чини дека згрешив, зашто дури откако отидов во Овиедо видов дека Бетис, кој се бореше за шампионската титула, ќе беше подобра опција за мене. Исто така, интересна беше понудата и од Сампдорија, но јас се одлучив за Овиедо. Тука тренер беше Радомир Антиќ, кој, пак, кога јас дојдов си замина. Сепак, и од Овиедо носам убави спомени. Се сеќавам на победоносниот гол што го постигнав против Спортинг Хихон. Тогаш бев прогласен за херој, зашто го добивме традиционалното дерби. Она што беа дуелите помеѓу Звезда и Партизан, тоа за провинцијата Астурија беа мечевите меѓу Овиедо и Спортинг Хихон – вели нашиот интернационалец.
Стојковски остана две сезони во Овиедо и одигра повеќе од 60 натпревари, меѓу кои и оние против мадридски Реал и Барселона. Но со доаѓањето на уругвајскиот тренер Таварес, кој донесе свои фудбалери, почувствува дека таму веќе нема место за него. Тогаш ја прифаќа понудата од Штутгарт, на чие кормило беше сегашниот селектор Јоаким Лев, и Стојковски се сели во Германија. Но таму немаше среќа.
– Станав стандарден првотимец и по две одиграни кола дојде до повреда на ’рскавицата од коленото. Едно парченце од ’рскавицата како постојано да „шеташе“ и ми создаваше големи проблеми. Повеќе не можев да ги издржам напорите и помислував на повлекување. За Штутгарт одиграв дваесетина натпревари во Бундес-лигата и во европските купови – продолжи Стојковски.
Потоа Стојковски се враќа во старото јато, во Пелистер, каде што на 27-годишна возраст ѝ стави крај на играчката кариера. Тоа го стори по освоениот Куп на Македонија, во мечот со Слога Југомагнат.
– Почувствував дека овој триумф беше вистинскиот момент за разделба – вели на крајот Стојковски.
Лична карта
Роден: во 1972 година во Битола
Кариера: Пелистер, Црвена звезда, Овиедо, Штутгарт, кадетска и младинска репрезентација на Југославија и сениорска на Македонија
Успеси: Освоени две првенства и два купа на Југославија, освоен еден куп на Македонија.