75-годишниот бездомник Умберто Квинтино Дијако кој починал од студ во миланската железничка станица, имал нешто повеќе од 100 илјади евра во банка, 19 илјади евра во акции и месечна пензија од 750 евра од периодот кога работел во Минхен.
Умберто поседувал и куќа во Калабрија и две комбиња. Потеклото на целиот негов имот сè уште не е разјаснето во целост. Кога бил пронајден мртов на својот импровизиран кревет на станицата Порта Гарибалди, во џебот имал 1.235 евра.
Умберто Квинтино Дијако исчезнал од родното планинско селце во јужна Италија кога имал само 17 години и се упатил кон Германија.
„Тој одлучи да стане дух засекогаш“, вели неговата сестра Кијарина. „Го баравме насекаде, но тој едноставно не сакаше да успееме.
Имотот Дијако го оставил во поштенско сандаче на Каритас, единствената организација во која имал доверба и покрај постојаните барања од разни волонтери да побара помош и да се тргне од улиците.