Холивудската актерка Брук Шилдс открива дека била жртва на сексуален напад во новиот документарен филм за нејзиниот живот.
Таа не го именувала човекот за кој рекла дека ја силувал, но ги опишала околностите под кои тоа се случило. Тоа се случило набргу по нејзиното дипломирање на факултет и со некој што професионално го познавала и се сретнала на вечера за да разговараат за работата. Нападот се случил кога таа отишла со него во неговата хотелска соба да повика такси.
„Не се спротивставив толку многу, само се замрзнав“, вели таа во филмот.
“Мислев дека моето едно ‘не’ треба да биде доволно“, додала таа.
Подоцна, кога таа му кажала на својот пријател, експертот за безбедност, Гевин де Бекер, што се случило, тој и рекол дека е силување и, објаснила таа, во тоа време не била подготвена да верува во тоа.
Тоа е само една од многуте работи откриени во Pretty Baby, која ја раскажува приказната за животот на Брук Шилдс, вклучувајќи го нејзиниот пат до славата, нејзиниот комплициран однос со мајката алкохоличар Тери Шилдс и како медиумите ја користеле нејзината сексуализација како многу млада личност, додека во исто време тие ја критикувале на некој начин и предизвикувале да чувствува срам. Документарецот ќе се емитува на стриминг платформата Hula подоцна оваа година. Филмот во режија на Лана Вилсон го зема својот наслов од филмот на Луис Мал од 1978 година Pretty Baby, драма за млада проститутка која ја игра тогаш 11-годишната Брук Шилдс. Во филмот таа се бакнува со тогаш 29-годишниот актер Кит Карадин, а исто така се појавува гола. Не беше ниту прв ниту последен пат таа да биде еротски прикажана во медиумите. На 15 години го сними филмот „Сина лагуна“, а потоа дојде филмот „Бескрајна љубов“.
Во двата филма имало секс и голотија. После тоа дојдоа рекламите на Келвин Клајн. Од Брук Шилдс и претходно било побарано да снима документарни филмови, а таа одбила. Сега има 57 години со дете на факултет и добро чувство за тоа каде е во животот сега, по години терапија, таа за прв пат почувствува дека сега е добро време. Првиот дел од филмот е посветен на интензивната сексуализација на која Брук Шилдс била подложена на многу млада возраст, како на пример на фотосесија без облека на 10-годишна возраст и нејзиното појавување во филмот „Pretty Baby“ на возраст од 11, во кој глумела дете проститутка. Филмот ја прикажува младата Брук Шилдс во телевизиски емисии каде мажи многу постари од неа и поставуваат прашања за сензуалноста во врска со нејзините улоги.
Откако стекнала светска слава како адолесцент, таа заминала да студира на Универзитетот Принстон. Откако ја добила дипломата, прво имала потешкотии да добие улоги и тоа довело до тешка средба со нејзиниот силувач. Документарецот кој и донесе овации во Санденс зборува и за опсесијата на медиумите со нејзината невиност, алкохолизмот на нејзината мајка и нејзиниот прв брак со тениската ѕвезда Андре Агаси.
„Мојата лична порака е издржливост и да не дозволувате да станете жртва во очите на едно општество или една индустрија“, изјавила таа за АФП пред премиерата на филмот во американската држава Јута, каде што се одржува фестивалот Санденс. „Горда сум на начинот на кој продолжив да учам, да растам, да работам и да го сакам тоа што го работам“, додала таа.