-Покачените цени на бензинот, поскапото секојдневие како на Грците, така и на туристите кои ја посетуваат Грција, но и војната во Украина, се главните фактори што ќе имаат влијание врз грчкиот туризам, иако земјата очекува добра туристичка сезона, јави дописничката на МИА од Атина.
Годинава за Велигден е првпат од 2019 година кога границите на Грција се отворени за сите туристи, но и првпат по пауза од две години кога за велигденските празници не постојат никакви ограничувања за Грците во однос на патувањата меѓу региони, со оглед на тоа дека лани, но и во 2020 година, поради карантините и строгите рестрикции беше забрането движење надвор постојаните места на живеење.
Во пресрет на велигденските празници, но и на туристичката сезона и очекувањата за претстојното лето дописничката на МИА од Атина разговараше со претседателот на Федерацијата на хотелиери на Грција и претседател на сојузот на хотелиери на Хакидики Григорис Тасиос кој вели дека цените во хотелите се минимално покачени, но пакет аранжманите се без промени.
-Цените за пакет аранжманите се исти како во 2019 година, бидејќи станува збор за договори, со исти цени, заклучени. Но, за индивидуалните клиенти сигурно ќе има покачувања на цените, но едноцифрени. Трошокот за соба за ноќевање е плус 25 отсто во споредба со 2019 година, но ова за индивидуалните, не за пакет аранжманите, објаснува Тасиос.
За Велигден, вели дека исполнетоста на хотелите се движи меѓу 60 и 80 отсто во зависност од дестинацијата, нешто што е во рамките на очекуваното.
-Се отвораат 30 отсто од хотелите во цела Грција, што е околу 10.000 хотели. Меѓу популарните дестинации, на Крф, во Јанина, на Санторини, Миконос, нешто помалку на Крит и Родос, исполнетоста е околу 70-80 отсто за трите денови од Велигден, но не се отворени сите хотели. Во останатите делови е околу 60 отсто. На Халкидики се отвораат малку хотели, околу 20 отсто и доста соби за изнајмување, а исполнетоста за Велигден е околу 60 отсто, вели Тасиос и додава дека за Велигден,не доаѓаат толку многу странци, туку мнозинството се домашни туристи, Грци.
Летната сезона, според претседателот на Федерацијата на хотелиери на Грција и на сојузот на хотелиери на Хакидики, се очекува да започне околу 10 мај, почеток што ќе биде тежок во споредба со 2019 година, бидејќи како што објаснува споредбите се прават со последното „нормално“ лето, односно последната сезона пред пандемијата.
-Мислам дека она што постои како прва процена е дека 70-80 отсто од 2019 е изводливо да се постигне во целата земја, истакнува Тасиос.
Додава дека од јуни до септември се очекува средна исполнетост, околу 50 до 55 отсто и во цела Грција и на Халкидики, но и дека ги чекаат и резервациите во последен момент за да стигнат до подобри бројки.
Халкидики оваа година ги губи руските туристи, а Тасиос вели дека е отежната е ситуацијата и со туристите од Балканот, објаснувајќи дека во Романија постои страв поради војната во Украина, додека пак за другите држави како што се Македонија и Србија, коментира дека пречка за патување може да бидат покачувањата на цените и поскапото секојдневие во самите земји.
Актуелната криза донесе и покачување на цените таверните како во цела Грција, така и на Халкидики, а Тасиос вели дека во овој момент на целиот пазар зголемувањата се за пет до десет отсто, иако сопствениците се обидуваат да ги задржат цените, а поскапувањето да е минимално, па така некаде е седум, некаде осум отсто.
За велигденските празници во Грција не постојат промени на мерките и предусловите за патување, па така за влез во земјата и понатаму е задолжителен документ за Ковид-19, односно една од трите опции: сертификат за вакцинација со важност до девет месеци по втората доза, потврдата за прележана болест трае 180 дена, а доколку се патува со негативен тест, треба да биде направен 72 или 24 часа претходно, во зависност од тоа дали е ПЦР или рапид.
Документот за Ковид-19 е задолжителен и за влез во сите објекти, со оглед на тоа дека непроменети се и мерките што важат во внатрешноста на Грција.
Европските сертификати при влез се скенираат со специјална апликација, а исклучок се маркетите, аптеките, продавниците за храна и бензинските пумпи.
Маската и понатаму е задолжителна за сите затворени простори.