Вчера се навршија 81 година од раѓањето на познатиот телевизиски и радионовинар Милован Илиќ Минимакс. Човекот кој се прослави со емисиите „Утре е петок“ и „Точно напладне“, попозната како „Туп-туп“ е роден на 5 ноември 1938 година во Липница, кај Крагуевац. Основно и средно училиште завршил во Крагуевац. Потоа се запишал на белградскиот Правен факултет, но не го завршил. Некои од неговите емисии често беа и цензурирани од тогашното медиумско едноумие.
Почна да работи во весникот „Јеж“, а во 1960 година премина во Радио Белград. По укинувањето на некои негови радиоемисии, кариерата ја продолжи на Радио-телевизија Србија, каде што ја водеше емисијата „Од глава до петица“. Кога во 1990 беше укината и таа емисија, на ТВ Политика ја водеше забавната емисија „Минимаксовизија“. Емисиите („Минимаксовизија“, „Недела кај Минимакс“ и „Фонто“) Илиќ потоа ги правеше и за телевизиите Пинк и Палма. Автор е на неколку книги со афоризми и песни, како и на многубројни колумни во разни весници. Му се припишува и невиденото дотогаш лансирање на една нова пејачка ѕвезда – Фахрета Јахиќ, односно, Лепа Брена. Извонредното чувство за хумор, како во разговорите со соговорниците, така и во замислените интервјуа со политичари, јавни личности и обични граѓани, го вбројуваат во легендите на хуморот и сатирата на балканските простори. Од првиот брак Минимакс го има синот Игор, а од вториот брак со сопругата Билјана која исто така е почината, ги има ќерката Ана и синот Владимир.
-Имаше многу жени кој ги посакував, но само две ги однесов пред матичар – во една прилика признал водителот кој имал многу шармантен начин на додворување. Имено, девојката што му се допаѓала прво ќе ја испрател на автобуската станица и ќе ја прател на море, па бргу ќе седнел во првиот авион и таму ќе ја пречекал со букет цвеќе.
Милован Илиќ Минимакс почина на 9 февруари, 2005 година, во италијанскиот град Падова.